Ученици од Ранковце учествуваа на настанот „Заедно создаваме одржлива иднина"
- На настанот по повод 5 Јуни, Светскиот ден на животната средина, учениците се претставија со свои истражувања за атмосферата.
Крива Паланка, 6 јуни 2025 (МИА) - Ученици од основното општинско училиште „Христијан Тодоровски - Карпош“, Општина Ранковце, под менторство на наставникот Игор Николовски, учествуваа на настанот „Заедно создаваме одржлива иднина!" што се одржа во Скопје.
На настанот по повод 5 Јуни, Светскиот ден на животната средина, учениците се претставија со свои истражувања за атмосферата.
- Моите ученици се претставија со истражувањето кое вклучи набљудувања и мерења на температура на воздухот, количини на врнежи, покривка од облаци и видови облаци, релативна влажност на воздухот и притисок на воздухот. Осврнувајќи се на значењето на нивните истражувања, дадоа одговор на прашањето „Зошто ја истражуваме атмосферата?". Програмата на настанот вклучуваше конференција со панел-дискусии за одржливото управување со заштитени подрачја, управувањето со отпад и примената на современи зелени технологии. Сесиите обезбедија увид во актуелните достигнувања, предизвиците и иновативните пристапи во овие области, рече Николовски.
На овој настан била претставена и важноста на вмрежувањето на ГЛОБЕ програмата со Мрежата за искуствено учење на Министерството за животна средина, поддржана од УНИЦЕФ.
Николовски има реализирано повеќе обуки на наставници и ученици на тема одржлив развој во училишта во Хрватска, во рамки на воспоставена меѓународна соработка помеѓу училиштата. ид/мч/
Фото: ООУ „Х.Т.Карпош", Ранковце