• петок, 30 август 2024

Утре средба Герапетритис – Фидан во Брисел

Утре средба Герапетритис – Фидан во Брисел

Атина, 28 август 2024 (МИА) – Министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис утре ќе учествува на неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската унија во Брисел на која поканет е и министерот за надворешни работи на Турција Хакан Фидан, а планирана е билатерална средба на грчкиот и турскиот министер, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за надворешни работи на Грција соопштија дека Герапетритис ќе се сретне со Фидан пред работниот ручек на шефовите на дипломатиите.

Грчки дипломатски извори за медиумите во Грција брифирале дека тема на средбата меѓу другото ќе бидат евро-турските односи, кипарското прашање и грчко-турските односи во пресрет на средбата на грчкиот премиер и турскиот претседател на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Истите извори посочиле дека е од особена важност што по пет години на ручекот во рамките на неформалниот состанок ќе учествува и турски министер за надворешни работи.

Во однос на неформалниот состанок на МНР на Унијата, од Министерството за надворешни работи на Грција во соопштението посочија дека темите на дневниот ред, меѓу другото, ќе бидат „војната во Украина, во присуство на министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба и политичката ситуација во Венецуела, а ќе се разговара и за кризата на Блискиот Исток, во присуство на координаторката на ОН за хуманитарна помош и обнова во Газа, Сигрид Кааг, со која Герапетритис ќе одржи средба“.ср/

Остани поврзан