• среда, 27 ноември 2024

Успешни прв училиштен час и школски денови им посакаа Мицкоски и Јаневска на првачињата

Успешни прв училиштен час и школски денови им посакаа Мицкоски и Јаневска на првачињата

Скопје, 2 септември 2024 (МИА)  - Премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска заедно со градоначалникот Бобан Стефковски на првиот ден од новата учебна година денеска го посетија Основното училиште „Стив Наумов“ во Општина Гази Баба, посакувајќи им успешна школска година на првачињата. 

-На мое големо задоволство, оваа енергија која ја чувствувам денека е прекрасна, дечињата се желни за наука и образование, започнуваат да го чекорат својот образовен пат. Возбудени родители, со многу убава позитивна емоција. Нашата порака денеска е да имаат успешен прв учебен час и она што треба да го знаат е дека во животот ништо не доаѓа веднаш и ништо не доаѓа лесно. За се треба многу напор, многу жртви за да дојдеме до целта која што сакаме да ја постигнеме. Од мене јас можам да им посакам многу убави школски денови, многу нови другарчиња и се што сакаат во животот да им се исполни и да работат за да им се исполни, бидејќи тоа е смислата и убавината на животот, вели премиерот Мицкоски. 

Тој подвлече дека со министерката за образование, со градоначалникот, со директорката на ова училиште, но и со директорите низ земјата разговарале во однос на обезбедувањето учебници, нагласувајќи дека за разлика од преходните години, оваа година нема проблеми со учебниците, бидејќи се обезбедени на стартот од школската година.

-Се сеќавате од пред 10 -15 години кога зборувавме за компјутер за секое дете денеска се радуваме на максимата учебник за секое дете, но тоа е пак подобро од тоа што беше досега, оти сега имаме нова ситуација а тоа е добра ситуација бидејќи сега ќе имаат учебници од кои ќе можат да учат и да научат, рече Мицкоски.

Новата учебна 2024/25 година денеска започнува за 245 илјади основци и средношколци. Според податоците на МОН, бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади.

Прв пат по седум години учебната година почнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. На првиот училиштен ден учениците ќе ги добијат учебниците. Според ресорното министерство, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле отпечатени. вг/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан