• понеделник, 23 декември 2024

Усвоен Закон на ЕУ за трансфер на кривични постапки 

Усвоен Закон на ЕУ за трансфер на кривични постапки 

Брисел, 5 ноември 2024 (МИА) - Советот на ЕУ во последна фаза го одобри Законот со кој се регулираат условите под кои постапките за кривични дела покренати во една земја на Унијата може да бидат префрлени во друга членка. 

Целта на законот е да се обезбеди поефикасна борба против прекуграничниот криминал, потоа дека една кривична постапка ќе биде водена во земја која е најсоодветна за тоа, како и дека ќе се избегнат непотребни паралелни постапки против ист осомничен во различни членки на ЕУ. 

Одредбите од Законот треба да обезбедат и подобро почитувањето на основните права на осомничените или обвинетите во еден процес при пренесувањето на кривичната постапка од една во друга земја. 

За да може земја членка на ЕУ да побара преземање на една постапка, потребно е кривичното дело за кое таа се однесува да е извршено на нејзина територија или ако едно или повеќемина од осомничените или обвинети лица престојуваат во неа. 

Инаку, овој Закон е првиот специфичен инструмент на ЕУ со кој се регулира преносот на кривичните постапки во рамките на блокот. 

Тој е донесен во услови кога се бележи раст на прекуграничниот криминал и е зголемен бројот на случаи кога надлежности за кривичен прогон за исто дело имаат неколку земји членки на ЕУ. 

Законската регулатива сега треба да биде објавена во Службениот весник на Европската Унија и ќе стапи во сила на 12-тиот ден од нејзиното објавување. Рокот за целосна имплементација Регулативата е две години по усвојувањето. 

Остани поврзан