• сабота, 23 ноември 2024

Управниот суд ќе одржи јавна расправа по тужбата од АСЈО на одлуката на ДКСК

Управниот суд ќе одржи јавна расправа по тужбата од АСЈО на одлуката на ДКСК

Скопје, 22 април 2024 (МИА) – Управниот суд денеска ќе одржи јавна расправа по предметот по поднесената тужба од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ откако во петокот Антикорупциската комисија одлучи да се стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели на Академијата до завршување на изборите. 

Јавната расправа, како што информираат од Управниот суд, е по предметот УРП.бр.81/24, заведен по поднесена тужба од Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ од Скопје, против Одлуката бр.12-1330/56 од 20.04.2024 на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).

Академијата вчера поднесе тужба до Управниот суд, откако минатата недела ДКСК расправаше по втор пат за запирање на постапката за прием на 130-те слушатели до завршување на претседателските и парламентарни избори.

На седницата, членовите на ДКСК со четири гласа „за“ и еден „против“ донесоа одлука со која и се предлага на Академијата за судии и јавни обвинители да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели до завршување на изборите, по што Академијата го искористи законскиот рок од 24 часа за поднесување на тужба до Управниот суд, кој пак, по приемот има рок од 48 часа да одлучува по жалбата.

Против ваквата одлука гласаше членот на ДКСК, Софија Спасова Медарска, која образложи дека процесите што се одвиваат во рамки на правосудството не би смееле да зависат од политичките процеси, бидејќи како што рече, судската власт е самостојна независна и јасно одвоена од законодавната и извршната власт. Посочи дека неопходноста од нови кадри во рамки на правосудството можат да ја проценуваат и определуваат само Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, во чија надлежност е да ги следат состојбите со испразнетите места и да го определат потребниот број на слушатели кои ќе ги едуцира Академијата во секоја генерација. аа/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан