• вторник, 24 декември 2024

УНЕСКО: Неинвестирањето во образованието годишно го чини светот илјадници милијарди долари

УНЕСКО: Неинвестирањето во образованието годишно го чини светот илјадници милијарди долари

Париз, 17 јуни 2024 (МИА) - Недостигот од инвестиции во образованието годишно го чини светот илјадници милијарди долари, покажува денеска објавената студија на УНЕСКО.

Во извештајот насловен „Цената на неактивноста: приватни, социјални и фискални трошоци за децата и младите кои не учат“, експертите на ОН за образование, наука и култура пресметаа дека тоа ќе го чини светот 10 трилиони долари во 2030 година. Таа сума го надминува комбинираниот БДП на Франција и Јапонија, две од најбогатите земји во светот, рече генералниот директор на УНЕСКО Одри Азуле.

Таа укажува на „маѓепсан круг“ на недоволно инвестирање во квалитетно образование.

„Луѓето со помало образование имаат помалку вештини. Неквалификуваните работници заработуваат помалку. Луѓето со пониски примања плаќаат помалку даноци, што значи дека владите имаат помалку ресурси да инвестираат во образовни системи кои се достапни за сите“, истакна Азуле.

Околу 250 милиони деца (128 милиони момчиња и 122 милиони девојчиња) не оделе на училиште во светот во 2023 година, според УНЕСКО, а една од последиците е тоа што околу 70 отсто од десетгодишните деца со средни и ниски приходи земјите не можат да разберат едноставен пишан текст.

Според извештајот, јазот во вештини достигнува 94 отсто во субсахарска Африка, 88 отсто во Јужна Азија и Западна Азија, 74 отсто во арапските земји и 64 отсто во Јужна Америка и Карибите. Со намалување на бројот на млади луѓе кои не посетуваат училиште или се недоволно обучени за 10 отсто, глобалниот БДП би растел за еден до три отсто годишно, заклучуваат експертите на УНЕСКО во таа студија. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан