• среда, 25 декември 2024

Украина, Блискиот Исток и Судан теми на Советот за надворешни работи на ЕУ

Украина, Блискиот Исток и Судан теми на Советот за надворешни работи на ЕУ

Брисел, 22 април 2024 (МИА) - Случувањата во Украина како резултат на руската агресија врз земјата, актуелните настани на Блискиот Исток и состојбата во Судан се главните теми на заседанието на Советот за надворешни работи на Европската Унија што денеска ќе се одржи во Луксембург и со кое ќе претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел. 

Советот ќе започне со заедничко заседание на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите членки на ЕУ на тема руската агресија врз Украина. Расправата ќе започне со размена на мислење на европските министри со нивните украински колеги за надворешни работи и за одбрана Дмитро Кулеба и Рустем Умеров преку видео конференциска врска. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, се очекува на Советот европските министри да ја реафирмираат солидарност на ЕУ со Украина и со украинскиот народ и заложбата на силна поддршка на економијата, општеството, вооружените сили и обновата на земјата. Од почетокот на руската агресија на Украина, ЕУ и нејзините членки на земјата и нејзиниот народ им доделија средства од над 143 милијарди евра, од кои 81 милијарда евра за финансиска и буџетска поддршка и хуманитарна помош, 33 милијарди евра за воена поддршка, 17 милијарди евра за помош на бегалците во Унијата и 12,2 милијарди евра во форма на грантови, заеми и гаранции. 

Во февруари годинава ЕУ ја усвои одлуката за создавање на Украински фонд со кој се предвидува финансиска поддршка од 50 милијарди евра за Украина за периодот 2024-2027 година. За добивање на тие средства Украина треба да се фокусира на структурни реформи и инвестиции за стимулирање на економскиот раст, реформи во јавната администрација, воспоставување добро владеење и владеење на правото, стабилно финансиско управување и други реформи поврзани со процесот на пристапување кон ЕУ. 

На заседанието ќе стане збор и за најновиот развој на настаните на Блискиот Исток по иранските напади врз Израел, што дополнително ги зголемија тензиите во регионот иницирани со нападот на Хамас врз Израел во октомври минатата година и последиците од нив врз случувањата на теренот и врз поширокиот регион. ЕУ силно и недвосмислено го осуди иранскиот напад врз Израел и изрази целосна солидарност со израелскиот народ и со посветеност на безбедноста на земјата и на регионалната стабилност и ја реафирмира заложбата за итен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и обезбедување целосен, брз, безбеден и непречен пристап на хуманитарната помош за Палестинците. 

Министрите за надворешни работи на земјите членки ќе разменат мислења и со личниот пратеник на генералниот секретар на ОН за Судан, Рамтане Ламамра за најновите случувања во оваа африканска земја зафатена од внатрешен конфликт. 

Покрај за овие теми шефовите на дипломатиите на земјите членки ќе расправаат и за тековни прашања поврзани со надворешните односи на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан