Уапсено лицето за кое Манев сведочеше дека го уништило ранецот во кој бил пиштолот за убиствата на Вања и Панче
- Од Јавното обвинителство потврдија дека е уапсен вработениот во Народната банка за кого на денешното судење за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинетиот Велибор Манев рече дека го уништил ранецот во кој бил пиштолот со кој се убиени Вања и Панче.

Скопје, 20 јуни 20245 (МИА) - Од Јавното обвинителство потврдија дека е уапсен вработениот во Народната банка за кого на денешното судење за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски обвинетиот Велибор Манев рече дека го уништил ранецот во кој бил пиштолот со кој се убиени Вања и Панче.
- Да, лицето е лишено од слобода по наредба на јавен обвинител. Се преземаат и други дејствија, информираа од Јавното обвинителство.
Манев на рочиштето на кое одбраната на првообвинетиот Љупчо Палевски и другите обвинети во случајот ги дадоа своите завршни зборови го откри идентитетот на лицето кое добило задача од Палевски да го земе и да го уништи или скрие синиот ранец каде бил пиштолот и моторолите користени во двата кривично правни настани.
–Ова е последната коцка од сложувалката. Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка, дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката. Тоа е сѐ за фамозниот ранец и за тоа дека лажам за ранецот, иако го има на камери, рече Манев.
Во својот завршен збор го повтори својот исказ даден претходно пред Судот во врска со двата кривично правни настани нагласувајќи дека одлучил уште од самиот почеток на судењето да ја зборува вистината „без разлика колкава казна би добил“.
— Од сите презентирани докази не негирав, туку и на нејасни снимки потврдував и признавав присутност. Не порекнував ништо што сторив и направив, не дообјаснував работи сѐ со цел судот да добие јасна слика за настаните што се случија. Се надевам дека Судот ќе ја цени мојата искреност за разлика од ОЈО кое упорно работи да нѐ прикаже како планери на убиството. Јасно кажав дека немам поим, ниту сознанија дека Палевски планира да убива. Зар би копал три метри дупка и би ја маскирал и покривал со таваници како влезна врата кога би знаел дека грабнатото лице треба да се убие? Не, туку би ископал обичен гроб, наведе Манев.лв/са/
фото:МИА архива