• петок, 21 март 2025

Тројца македонски преведувачи меѓу добитниците на европски награди за драмски превод за 2025 година

Тројца македонски преведувачи меѓу добитниците на европски награди за драмски превод за 2025 година

Скопје, 21 март 2025 (МИА) - Македонските преведувачи Катерина Маркоска, Филип Димевски и Ермис Лафазановски се добитници на наградите за најдобар драмски превод на европско ниво за 2025 година што традиционално, на 21 март, ги соопштува Еуродрам - Европската мрежа за драма и превод. 

Македонскиот комитет на Еуродрам разгледа вкупно дваесет предложени драмски преводи на македонски јазик од кои како најдобри ги избра:„Место наречено Некаде“ од Јана Борисова, превод од бугарски на Катерина Маркоска, „Преподобните“ од Славомир Мрожек, превод од полски на Филип Димевски и „Не ја држи линијата зафатена“ од Александра Фелшеги, превод од романски на Ермис Лафазановски.

Списокот на најдобри драмски преводи на македонски и на други европски јазици за 2025 година е достапен на https://eurodram.org/2025-selections/

Катерина Маркоска е научен советник во областа на клиничките испитувања на лекови и води, но посветено се занимава и со превод на драмски текстови од руски и од бугарски јазик.

Филип Димевски е издавач, писател и преведувач од полски јазик. Ги превел Витолд Гомбрович, Славомир Мрожек, Хенрик Шенкевич, Мажена Матушак, Чеслав Милош, Владислав Рејмонт, Пјотр Пажињски и други. Успешно ги води издавачката куќа „Бегемот“ и книжевниот фестивал „АртАреа“ во Скопје.

Ермис Лафазановски e современ македонски раскажувач, романописец, научник од областа на книжевноста и фолклористиката и преведувач од романски јазик. За неговите книжевни дела добил значајни книжевни признанија. Досега на македонски превел дваесетина наслови од познати романски автори.

Еуродрам е европска мрежа за современа драма и превод, која опфаќа повеќе од 300 членови организирани во триесетина јазични комитети меѓу кои е и Македонскиот комитет. Главна цел на мрежата е да го поттикне преводот на современи драмски дела од Европа, Централна Азија и Медитеранот, правејќи ги достапни за театарските професионалци и публиката, во духот на независноста, рамноправноста и јазичната разновидност. Во парни години, секој јазичен комитет на Еуродрам избира три оригинални драмски дела напишани на јазикот на тој комитет и ги препорачува за превод на други европски и блискоисточни јазици. Во непарни години, комитетите избираат три најдобри преводи на нивниот јазик со цел да се препорача нивното објавување и изведување.

Членови на Македонскиот комитет на Еуродрам се: Катарина Коцевска Хаџи Василева, актерка и драмска писателка, Фроса Пејоска-Бушро, преведувачка и професорка на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, Александар Зицман, преведувач и предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена, Дарко Јан Спасов, преведувач, драматург и директор на Театар „Комедија“ во Скопје и Иван Додовски, театролог, писател и професор по критичка теорија и литература на Универзитетот Американ колеџ Скопје. мд/са/

Фото: Македонски комитет на Еуродрам

Остани поврзан