• недела, 09 февруари 2025

Протести и блокади во Нови Сад, Белград и Ниш: „100 дена - 0 одговори“

Протести и блокади во Нови Сад, Белград и Ниш: „100 дена - 0 одговори“

Нови Сад, 9 февруари 2025 (МИА) - Тричасовните блокади на три главни патишта во Нови Сад завршија попладнево во 14 часот, со порака напишана на асфалтот со црвени букви „100 дена - 0 одговори“ и повик до граѓаните да се соберат на големи демонстрации во Крагуевац на Денот на државноста на Србија - 15 февруари, јави Бета.

Како што наведоа студентите, блокадите се организирани по повод 100 дена од несреќата на Железничката станица во која загинаа 15 лица, а двајца беа тешко повредени.

- Сто дена од падот на настрешницата, сто дена борба за правда и одговорност, велат студентите.

Демонстрантите на денешниот протест свиреа со вувузели и труби, а со 15-минутен молк им оддадоа почит на 15-те жртви во новосадската трагедија.

Тие го носеа и симболот на протестот, знамиња со крвава рака, како и српски знамиња.

Блокирани беа крстосницата на улиците Темеринска и Партизанска, односно правците од Зрењанин и Темерин кон Нови Сад.

Друга локација која беше блокирана е кружниот тек на булеварот Европа и улицата Руменачка, на патните правци кон автопатот и кон Руменка и Бачка Паланка.

Третата локација беше од страната на Срем, каде што беше блокирана магистралата во местото Парагово, кај кружниот тек на автобуската линија 72, блокирајќи го правецот кон Иришки Венец.

На студентите и граѓаните во блокадите им се придружија земјоделци на трактори и моторџии.

Протести денеска имаше и во Белград, Ниш и други градови во Србија. Во Белград беше блокиран најфреквентниот мост Газела, од каде студентите пуштија во реката Сава 15 бели рози обоени во црвено.

Студенти и граѓани на Ниш, пак, околу 13 часот ја блокираа наплатната патарина „Ниш-север“ на автопатот Ниш-Белград. Студентите најавија дека ќе ја блокираат наплатната рампа до 21 часот, но постои можност блокадата да се продолжи за уште три часа доколку ваквата одлука се изгласа на граѓанскиот пленум кој ќе се одржи во текот на денот.

Блокадата и протестот во Ниш се организирани под мотото „Време е да се плати патарина“.са/

Фото: ЕПА

Остани поврзан