• среда, 25 декември 2024

Трите хероини од штипското Инфективно одделение

Трите хероини од штипското Инфективно одделение
Штип, 7 март 2021 (МИА) - Дијана Шишкова, Глорија Караѓозова и Драгица Тимова се трите хероини на штипското Инфективно одделение. Единствени специјалисти по инфектологија се во источниот регион. Точно една година ја бијат битката во штипскиот Ковид центар, во кој се лекуваат пациентите од  општините од Брегалничкиот регион, кои се со тешка или средна клиничка слика. За разлика од есенскиот бран, изминатите два месеци малку здивнаа, со преполовен болнички капацитет. Но, овие три дами, мајки, сопруги и баби ги плашат новите соеви на коронавирусот, кои побрзо се шират меѓу населението, а и утрешното одбележување на Денот на жената. Апелираат до сите  да се воздржат од славење, бидејќи  сè уште не е време за забави по кафеани или дружби по домовите. Втора година за овие три жени во бели мантили Денот на жената е различен, на шега велат дека  си го заборават и родендените. Шишкова, Караѓозова и Тимова воопшто и не ни размислуваат или пак прават планови за празници. Тие не ни помислуваат за прослави по кафеани или седенки, но што со оние кои ќе ги наполнат до последното столче.
- Ние сме против тоа, оти после знаеме што не чека. Сметаме дека сè уште е рано за собирање, велат нашите хероини од штипското Инфективно одделение.
Досега над 1200 пациенти побарале лекарска помош во овој Ковид центар. Караѓозова, Шишкова и Тимова цела година се со тешко болните пациенти, одговараат и на повиците,  кога се дома со семејствата.
-Ние сме лекарки, но и сите знаеме дека и дома сме со обврски, сите знаеме какви обврски има една жена. Меѓутоа можам да кажам дека некако се прилагодивме на целата ова ситуација. Сепак дома сме со голема претпазливост, не функционираме веќе во однос на тоа собирање цело семејство. Можам да кажам дека сме разделени од наши блиски членови на семејството, мора да бидеме претпазливи, кон нашите блиски, а обврските по дома си остануваат и си се наши, вели Караѓозова, којашто е и највозрасниот инфектолог во тимот.
Работниот ден на трите хероини, кога се на своите работни места, почнува со утринскиот состанок, на којшто дежурниот лекар им презентира за состојбата на одделението, примените пациенти и во каква состојба се.
-Навистина тимски работиме, за секој пациент заедно дискуитираме, честопати се консултираме и на повисоки ниво, со нашите колеги од Клиниката за инфектологија, околу менаџмент на терапија, ако треба плус или не. Од дежурства лекарите си одат еден до два часа повеќе од пропишаното, после тоа лекарот кој останува продолжува на визита и во амбуланта. Визитата ни трае многу долго, од пет до шест часа, поради бројот на пациентите, вели Шишкова.
Во текот на месеците, кога имале голем наплав и притисок од пациенти останувале на одделението и по 32 часа.
-Најдраматични за нас се смртните исходи и тоа за било која возрасна група, многу не погодуваат младите, рече Шишкова.
  Инфектолозите не го насетуваат крајот на пандемијата
Во штипскиот Ковид центар деновиве повторно се полнат болничките кревети, по двомесечното затишје, бројот на пациенти повторно им се зголемува, кои бараат помош во болнички услови. Секој оздравен пациент за инфектолозите и тимот со кој работат е добиена битка, успех и среќен момент.
-Знаеме каква беше битката, но и сè уште е, а и понатаму ќе биде, само не знаеме уште до кога ќе е, но во секој случај е тешка. Сите три знаеме дека секоја борба за пациентите е тешка, а особено, кога ќе го видеш дека е во тешка состојба, поготово кога ќе почине, сето тоа делува на нас. Колку и да сме храбри, сепак сме луѓе. Тоа делува на нашата психа, дополнително нашата работа е заморна и физички, вели Караѓазова.
Началничката на Инфективното одделение, Шишкова, посочува дека како тим се организирани и знаат да работат во кризни состојби, претходните години им беше сезонскиот грип, кој ги полнеше болничките соби на одделението, а сезоната на грипот вообичаено трае од два до три месеци. Но, пандемијата какошто вели долго трае и ниту го насетува нејзиниот крај. Половина година на одделението биле сами, но откако почнале и тие да се инфицираат,  да се зголемува бројот на пациентите во текот на есента, активирани се лекари специјалисти од сродните гранки, интернисти,анестезиолози, невролози. Голема помош им се како што велат секундарците, младите лекари. Инфектолозите дежурствата ги поминуваат со по двајца млади лекари. Планови за 8-ми март немаат, но во планот за дежурство е ставен лекар специјалист од посилниот пол.
-Ние како инфектолози, се соочивме со едни бранови на епидемии и во претходните години и можам да кажам дека тоа што е како наше искуство во текот на годините успешно го применивме, кога стартуваше пандемијата. Ние бевме доста подготвени како тим, имавме искуство и знаевме како веднаш да се организираме и да работиме, кога бројот на пациенти ќе ти се дуплира или трипати повеќе пациенти ќе имаме. Можам да се пофалам дека имаме одлична соработка меѓу колешките, секако и со сестрите, кои брзо знаат да се адаптираат и да работат во кризна состојба, вели Шишкова.
- Прво ќе дојдеш на одделението, искрено да ви кажам одвај, поради тоа што знаеме што не чека, но веќе ни е рутина. Секој ден е потешко и потешко, особено сега со оваа ситуација, вели Караѓозова.
Пандемијата го откри недостигот од лекари инфектолози
Драгица Тимова има 41 година и е  најмладиот инфектолог во источниот регион. Таа  шеста година е дел од тимот на Инфективното одделение. За себе вели дека уште за време на студирањето, најинтересни предмети и биле токму оние кои се поврзани со инфектологијата.
-Инфектологијата ме интересира, како наука, којашто е така да речеме инспекциска работа. Треба да се трудиш да дознаеш од каде и како инфекцијата настанала, вели Тимова.
Прашана, како е да се работи со двете повозрасни дами, Тимова со одговор: „Прекрасно, имаме многу добра соработка, секогаш се тука за мене да се консултиурам со нив“.
За неа и за нејзините колешки и здравствениот персонал годината на нивното одделение, поминала тешко, немаат никакви спомени, освен битката за секој тежок пациент и домашните обврски. Белите мантили ги заменија со скафандери, маски, визири. Но и тие не останаа имуни на коронавирусот, Тимова двапати беше заразена со коронавирусот.
-Според досегашните истражувања, утврдено е дека имунитетот трае отприлика пет до шест месеци, па така и јас од првата до втората инфекција имав поминато пет до шест месеци. Мислам на тој начин, имунитетот ми беше намален и повторно дојде до инфекција, рече Тимова.
Началничката на Инфективното одделение, Шишкова вели дека тимот ќе се зголеми и со уште една лекарка, која веќе трета година е на специјализација, а имаат и една млада лекарка, која сака да замине на  специјализација на нивната гранка. Таа веќе е дел од тимот и за неа велат дека веќе работи со љубов и голема грижа за пациентите.
- Очигледно е дека треба да се одобрат повеќе специјализации за нашето одделение. Луѓето кои се над нас и ја креираат здравствената политика гледаат дека недостасуваат специјалисти инфектолози, за разлика од порано што не се форсираше гранката и за жал пред неколку години бевме само двајца инфектолози на штипското одделение и тоа за целиот источен регион. Ние си знаеме како работевме на одделението, половина година си буквално жртва за болницата, сега сме три. Се организираме да имаме барем малку слободно време за семејството, а сите сме со семејства,  вели Шишкова.
Штипското Инфективно одделение лани го  доби највисокото признание од Општина Штип, луѓето кои пожартвувано и храбро работат во него се добитници на наградата „ Осми Ноември“.
Викторија Димитрова-Јованова

Остани поврзан