• сабота, 23 ноември 2024

Триесет случаи на мобинг минатата година, два за сексуално вознемирување

Триесет случаи на мобинг минатата година, два за сексуално вознемирување
Скопје, 18 април 2021 (МИА) – Триесет случаи на мобинг од кои 20 во приватниот и 10 во јавниот сектор регистрирал Сојузот на синдикати на Македонија минатата година. Најголем дел од пријавите се од мажи, а речиси тројно помалку од жени или изразено во бројки 19 пријави биле од мажи, а само пет од жени. Две од пријавите се за сексуално вознемирување. Од ССМ за МИА изјавија дека најчесто се работи за психичко вознемирување кое било поврзано со навредување, заканување, застрашување, вознемирување по завршување на работното време, деградирање на работникот со злоупотреба на службените овластувања. - Најчесто се пријавува мобинг од раководно лице, а поретко од колешка или колега на исто ниво. Карактеристично е тоа што во ССМ има голем број обраќања во врска со вознемирување на работното место, но од лица кои не се членови на синдикатот. Овие податоци упатуваат на тоа дека вознемирувањето на работното место најчесто се случува во средини кадешто работниците не се синдикално организирани и едуцирани за своите права, велат од ССМ. Во три случаи се подготвени тужби, а во еден е водена и судска постапка која е негативно завршена. Во дел од случаите проблемите се спогодбено надминати по пат на разговор и советување со учество и посредништво на синдикалните претставници на ССМ. Според податоците од ССМ, во 2013 година имало осум пријави за мобинг, во 2014 година седум, во 2015 година три, а во 2016 година едно обраќање. Во 2017 и 2018 година до ССМ немало обраќања по основ на вознемирување на работното место, а во 2019 година е евинтирано едно обраќање. Од донесувањето на Законот за мобинг, судски решени 57 предмети Дел од пријавите за психичко вознемирување на работното место се решаваат со обраќања до лицето кое го врши мобингот, но за дел се водат и судски постапки. Во Сојузот на синдикати на Македонија има правна служба која им помага на работниците кои ќе се обратат околу постапката за решавање на пријавениот мобинг. Оттаму истакнуваат дека нивните правни служби даваат совети и упатства, а во одредени случаи биле подготвени и обраќања до работодавачот или до лицето кое е посочено како вршител на вознемирувањето. Од Основниот граѓански суд Скопје, во информацијата што МИА ја побара, наведуваат дека од донесувањето на Законот за мобинг до 15 април годинава примени и оформени се вкупно 77 предмети. Од нив, решени се 57 предмети, а останатите се во процедура. - Ве известуваме дека од донесувањето и примената на Законот за мобинг до 15.04.2021 година во судот во Одделот за работни односи вкупно примени се и оформени 77 предмети. Воедно во истиот период решени се 57 предмети, а останатите се во работа, се вели во информацијата од Судот. ССМ со предлози за измени на Законот за мобинг Законот за мобинг беше донесен во 2013 година на иницијатива на Сојузот на синдикати на Македонија. Оваа година, како што посочуваат од ССМ, во соработка со Министерството за труд и социјална политика се организира дебата за Законот за заштита од вознемирување на работното место и проблемите во врска со неговата имплементација. Она што Синдикатот смета дека треба да се смени во постоечкото законско решение е прецизирањето на видовите на вознемирување на работно место, регулирањето на постапката и сите прашања во врска со спречување и заштита од психичко и полово вознемирување на работно место во компаниите да се уреди со колективен договор. Синдикатот предлага и секое негативно однесување кое претставува повреда на достоинството, угледот и честа, да се третира како психичко вознемирување, односно да се изостави условот на повеќекратно повторување и континуирано и систематски вршење на вознемирувањето. - Последиците од психичкото вознемирување честопати се премногу сериозни за животот и здравјето на лицата врз кои тоа вознемирување е извршено и само еднаш, посочуваат од ССМ. Предлагаат и работодавачот до кого е поднесено барањето за заштита од вознемирување на работно место пред отпочнување на постапката за заштита, задолжително да го извести синдикатот во кој работникот членува. - Ова се првични забелешки на ССМ. По доставување на драфт верзијата на измените и дополнувањата на Законот, ќе доставиме конкретни забелешки, мислења и предлози, велат од ССМ. Билјана Анастасова-Костиќ

Остани поврзан