• понеделник, 23 декември 2024

Триесет и пет американски волонтери на Мировниот корпус положија заклетва за служба во нашата држава во наредните две години

Триесет и пет американски волонтери на Мировниот корпус положија заклетва за служба во нашата држава во наредните две години

Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) - Нови 35 американски волонтери на Мировниот корпус во Северна Македонија денеска положија заклетва за служба во нашата држава, на свечен настан што се одржа во Музеј на македонската борба за самостојност.

Оваа група волонтери се приклучи на групата од повеќе од 800 американски граѓани кои служеле во нашата држава од 1996 година. Волонтерите од Мировниот корпус имаат работено во скоро сите општини во државата соработувајќи со наставници, ученици и организации.

На свечениот настан се обратија претседателот Стево Пендаровски, американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, директорот на Мировниот корпус во Северна Македонија, Дејвид Рисајд, како и менаџетката за обуки во Мировниот корпус, Евелина Алибеговска, а присутни беа и претставници на министерствата и општините, директори на училиштата и семејствата – домаќини на волонтерите.

Пендаровски истакна дека нашата држава веќе 27 години е дестинација на која волонтерите од Мировниот корпус го вложуваат своето време, со труд и посветеност помагајќи им на македонските граѓани.

 - Особено сум почестен да бидам дел од церемонијата на полагањето на заклетвана 35 волонтери од Мировниот корпус кои се дел од дваесет и шестата група волонтери кои ќе живеат и служат во Северна Македонија во наредните две години, нагласи Пендаровски.

Тој додаде дека повеќе од  800 волонтери кои во изминативе три децении ја посетија нашата држава и ги остварија целите на организацијата која ги испрати.

- Тие целосно се вградија во нашиот развој преку својата активност и размена на информации и искуства кои придонесоза за наше подобро разбирање на американскиот народ, но и за подобро разбирање на американските граѓани на нашата култура и погледот на светот, истакна претседателот на државата.

Амбасадорката Агелер, им посака добредојде на 26. Група волонтери на Мировниот корпус кои ќе служат во нашата држава и го истакна задоволството што заедно со неа ќе положат заклетва.

- Волонтерите го претставуваат најдоброто од она што Америка му го нуди на светот, а што е уште поважно, тие со себе назад ќе го однесат најдоброто од она што Северна Македонија му го нуди на светот. Тие градат мостови меѓу луѓето од нашите две држави кои траат со години и продолжуваат да постојат дури и кога волонтерите ќе завршат со својата служба, нагласо Агелер.

Таа нагласи дека ја следи работата на волонтерите во училиштата, граѓанските асоцијации, организации, општини, летни кампови и во заедниците каде што престојуваат и истакна дека тие продолжуваат вредно да работат и да пленат со својата педантност како амбасадори на САД во нашата држава.

Свечениот настан го отвори менаџерката за обука во Мировен корпус, Евелина Алибеговска.

- Денеска, го прославуваме, не само отпочнувањето на новото поглавје во животите на овие извонредни личности, туку и наследството на визионерскиот лидер и основач на Мировниот корпус, Џон Ф. Кенеди, одбележувајќи ја токму денеска годишнината од неговиот атентат во 1963 година, нагласи таа.

Директорот на Мировниот корпус, Дејвид Рисајд, им се заблагодари на семејствата – домаќини и заедниците кои ја пречекаа оваа група волонтери кога прв пат пристигнаа во државата.

- Вашата поддршка во текот на изминатите 10 недели беше непроценлива. Го отворивте вашиот дом за странци кои сега станаа дел од вашето семејство. Ви благодарам, истакна Рисјад.

Тој најави дека во следниот период овие волонтери ќе работат во локалните училишта, општините или невладините организации во кои се назначени.

Свечената церемонија заврши со обраќањето на двајцата млади волонтери од САД на македонски и албански јазик, со читањето на поемата на едната од волонтерите и со изведбата на песната „Македонско девојче“.

Мировниот корпус е основан во 1961 година од претседателот Џон Ф. Кенеди. Корпусот има три цели: да им помогне на земјите коишто имаат потреба од квалификувани лица што ќе обезбедуваат техничка помош, да помогнат во промовирањето подобро разбирање на американскиот народ преку волонтерите и да споделат информации за заедниците и земјите каде што живеат и работат волонтерите во американските заедници и семејства. Преку овие активности, волонтерите работат на зајакнување на мирот во меѓународната заедница и подобро разбирање меѓу луѓето од различни култури и традиции. сан/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан