• среда, 27 ноември 2024

Триесет години дипломатски односи со Турција - историски врски, пријателство и соработка

Триесет години дипломатски односи со Турција - историски врски, пријателство и соработка
Скопје, 26 август 2022 (МИА) - „Гледаме заедничка иднина на нашите земји и на регионот во Европската Унија. Во овој контекст, го поздравуваме одржувањето на првата Меѓувладина конференција за отпочнување на пристапни преговори со Република Северна Македонија. Одлучни сме да ги зајакнеме сегашните одлични односи помеѓу Северна Македонија и Турција и да им донесеме нова димензија, да ги унапредуваме за доброто на нашите два народи и нашите партнери“, се наведува во заедничката изјава на министерствата за надворешни работи на двете земји по повод одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи. - Длабоко вкоренетите историски, културни и човечки врски на нашите народи ги прават нашите односи исклучителни. Нашите односи, базирани на цврсти основи, продолжуваат да се развиваат во сите области. Ќе ја зајакнеме нашата соработка со разбирање кое води сметка за стабилноста, просперитетот и напредокот на Балканот, чиј дел сме и ние. Во наредниот период ќе продолжиме да придонесуваме за развој на регионалната соработка во областите како што се трговија, инвестиции, енергетика, транспорт, култура и образование. Како сојузници во НАТО, ќе ги зајакнеме нашите заеднички напори за соочување со предизвиците на регионалната и меѓународната безбедност. Ќе дејствуваме во солидарност против сите форми на тероризам. Македонската турска заедница, која е еден од народите основачи на Северна Македонија, и луѓето во Турција кои имаат корени од Северна Македонија, создаваат уникатен мост на пријателство и соработка. Ќе продолжиме да ги користиме предностите обезбедени преку нашите заеднички проекти во различни области и високо го цениме придонесот на граѓаните на Северна Македонија и Турција кои живеат во Турција, односно Северна Македонија, во развојот на билатералните односи, стои во заедничката изјава по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави. рп/са/    

Остани поврзан