• вторник, 27 август 2024

Трет ден пожарникарите интервенираат на пожарот на депонија во тетовско Добарце, Општина Желино

Трет ден пожарникарите интервенираат на пожарот на депонија во тетовско Добарце, Општина Желино

Тетово, 11 септември 2023 (МИА) -Територијалната противпожарна единица Тетово информира дека и денеска продолжиле со повеќе интервенции на пожарот што избувна на депонија во саботата во селото Добарце, Општина Желино. Во текот на првата половина од првата смена, од утрово на неколку пати биле ипратени пожарникари да интервенираат употребувајќи вода од камионите со цистерни.

- И денес трет ден се работи, секој еден час праќаме по еден камион, но мора да се копа и да се затрупа изгорениот отпад со земја. Работиме да завршиме денес, ама тешко оди затоа што ни треба механизација за да се закопа сметот. Градоначалникот беше тука, беа дојдени и од државните дирекции и направија записници, информираше Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.

Покрај во Добарце, денеска тетовските пожарникари имале повици за интервенција на пожари на отворено во селата Лешница, Општина Желино, Камењане во Општина Боговиње и Радиовце во Општина Брвеница. Според командирот во текот на 24 часа вчера недела покрај во Добарце имале и уште 19 други пожари на помали депонии, на отворено и шумски огнови.

Командирот Амети повторно апелира до граѓаните да не палат огнови на стрништа и на излетничките места за да се спречат нови пожари. ас/дма/

Фото: Општина Желино

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан