• среда, 25 декември 2024

Тренчевска: Носење закон кој ќе биде во согласност со промените во трудовата област

Тренчевска: Носење закон кој ќе биде во согласност со промените во трудовата област

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска се обрати на годишната конференција „Преминот помеѓу постоечкото и новото работно законодавство во Северна Македонија – премногу рано или премногу доцна за нов закон за работните односи?“ во организација на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија, а со поддршката на Меѓународната организација на трудот.

- Добри работни односи се оние каде има баланс на силите во работниот однос, каде постојано се подобрува односот работник – работодавач,  што од друга страна води кон помалку несогласувања меѓу нив. Тоа се односи во кои работниците се задоволни и за што имаат правична и пристојна плата, а работното место им е безбедно. Постоењето на јасни правила помеѓу двете страни и нивното почитување, придонесува секоја компанија да може да создаде продуктивна работна средина која го поттикнува деловниот раст, рече Тренчевска.

Како што информира Министерството за труд и социјална политика, Тренчевска се осврна на подготовката на новиот Закон за работни односи и истакна дека процесот на изработка беше целосно инклузивен затоа што беа вклучени сите оние кои можат да дадат придонес во  обликувањето на законот и неговата содржина.

- Тргнувајќи од значењето на двете страни на работниот однос во конципирањето на правилата на работниот однос, сепак главни партнери ни беа претставниците на синдикатите и здруженијата на работодавачите. Ова значеше издигање на трипартитниот дијалог, односно социјалниот дијалог на национално ниво, на многу висока позиција. Покажавме дека сакаме да го слушнеме гласот на работниците, бизнис заедницата, но и на граѓанските организации, претставниците на судовите и на академската заедница, посочи министерката Тренчевска.

Таа порача дека секогаш е вистинско време за носење на Закон, кој, како што рече, ќе биде во согласност со промените во трудовата област, кој ќе биде добра основа за понатамошно унапредување на односите меѓу работниците и работодавачите, за зголемување на продуктивноста на трудот и креирање на нови работни места.

На конференцијата се обратија и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Сашо Георгиевски, претседателот на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија Тодор Каламатиев, потпретседателот на Здружението за трудово и социјално право на Северна Македонија Александар Ристовски и националниот координатор на Меѓународната организација на трудот во Северна Македонија Емил Крстановски. мд/сп/

Фото: МТСП 

Остани поврзан