• сабота, 23 ноември 2024

Трајанов: Четири неисплатени плати и долг од 10 милиони денари во ЈП „Национални шуми“

Трајанов: Четири неисплатени плати и долг од 10 милиони денари во ЈП „Национални шуми“

Скопје, 11 август 2024 (МИА) – Директорот на Јавното претпријатие „Национални шуми“, Здравко Трајанов, изјави дека претпријатието е во очајна финансиска состојба со наследен долг од 10 милиони евра. Тој информираше дека стотици луѓе се вработени на огласи за дрвосечачи од страна на претходната власт, а кои сега седат во канцеларија и дека има четири неисплатени плати на вработените.

Во интервју за Радио Слободна Европа, Трајанов вели дека претпријатието е уништено.

- Тоа беше така кога дојдовме на работните места, јас како в.д. директор и мојот тим помошници директори. Претпријатието буквално беше оставено на стихија, имаше неисплатени четири плати, имаше огромни долгови, имаше блокирана сметка и опасност од многу наши соработувачи да бидеме исклучени. Такви беа Макпетрол во однос на горивото, Телеком во однос на телефонските услуги, ЕВН во однос на струјата и така натаму, рече Трајанов.

Според него, наследениот долг од близу 10 милиони евра, можеби ќе биде и поголем.

- Затоа што верувале или не, во дел од подружниците со кои раководам, воопшто не се прави книжење на целокупното финансиско работење и можеме да претпоставиме дека ќе има и дополнителни да речеме скриени финансиски импути кои ќе се на страна на загубата на претпријатието, дополнува тој. 

Во однос на наводите дека во претпријатието недостасуваат пет милиони денари, а податоците од Министерство за финансии покажуваат дека од почетокот на годината немаат неплатени обврски, Трајанов одговори дека во претпријатието ги нема парите со кои требало да бидат исплатени плати.

- Јавното претпријатие кое стопанисува со еден од најважните ресурси во државата, а тоа е дрвото. Прашањето е, зошто претходната власт, знаејќи го значењето на ова претпријатие, дозволило да биде со блокирана сметка. Блокираната сметка, предизвикала домино ефект: Неисплатени плати, неисплатени даноци, но и многу опасно немање на производство. Ова претпријатие се финансира од својата дејност и своите дејности. Тука доминантно е производството на сортименти од дрво. Во таква ситуација претпријатието е блокирано и доведено во ситуација во шести месец, наместо да имаме 350 000 м3 производство, претпријатието има одвај 90.000 метри кубни производство, појаснува тој. 

Во врска со прашањето за справувањето со пожарите, Трајанов посочува дека од 80 до 140 вработени секојдневно учествуваат во гаснењето на пожарите.

- Одговорно тврдам дека со нашето доаѓање сите вработени во Ј.П. „Национални шуми“, особено тие што се задолжени за гаснење на пожари, а тоа се луѓе кои имаат поминато соодветна обука, кои ја знаат проблематиката на гаснење на шумски пожари, знаат каков тип на облека и опрема треба да поседуваат и се искусни, можеби и најискусни за гаснење на шумски пожари во државата, уште од првиот ден и првите пожари, ревносно, без никаков изговор, сите ги прифатија работните задачи и учествуваа во гаснењето на пожарите, вели тој. ар/ев/

Фото: Принтскрин видео РСЕ

Остани поврзан