Трамп предложи испраќање на американски војници во Мексико, Шејнбаум одби
- Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потврди дека предложил испраќање на американски војници преку границата во Мексико за да му помогне на својот сосед во борбата против трговијата со дрога, при што мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум ја отфрлила идејата.
Вашингтон, 5 мај 2025 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп вчера потврди дека предложил испраќање на американски војници преку границата во Мексико за да му помогне на својот сосед во борбата против трговијата со дрога, при што мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум ја отфрлила идејата.
Волстрит Џурнал во петокот објави дека Трамп, во телефонски разговор во средината на април, ја притиснал Шејнбаум да дозволи вооружени американски сили да преземат водечка улога во борбата против мексиканските нарко-банди кои шверцуваат фентанил во САД.
Шејнбаум во саботата го коментираше написот во обраќање до поддржувачите, опишувајќи го повикот.
- Тој рече: „Како можеме да помогнеме во вашата борба против трговијата со дрога? Предлагам американската војска да влезе и да ви помогне.“ А знаете ли што реков јас? „Не, претседателе Трамп. Територијата е неприкосновена, суверенитетот е неприкосновен, суверенитетот не е на продажба,‘“ рече Шејнбаум.
Мексиканската претседателка нагласи дека „не е потребно“ американски војници да влезат во Мексико. „Можеме да соработуваме, можеме да работиме заедно, но вие на вашата територија, ние на нашата.“
Трамп вчера ја потврди информацијата.
- Мексико вели дека понудив да испратам американски војници во Мексико за да се грижат за картелот … Дали е тоа вистина? рече Трамп на бродот Ер Форс Еден, повторувајќи го прашањето на новинарот.
- Мислите ли дека ќе одговорам на тоа прашање, првично одговори Трамп пред да продолжи: „Ќе одговорам. Вистина е.“
Трамп рече дека Мексико треба да дозволи САД да испратат војници во земјата. „Ако Мексико сака помош со картелот, ќе ни биде чест да влеземе и да го сториме тоа. Ѝ го реков тоа на (Шејнбаум), ќе ми биде чест да влезам и да го сторам тоа.“
На прашањето зошто Шејнбаум ја отфрлила неговата понуда, Трамп тврдеше дека таа е „толку исплашена од картелот што не може да оди“.
- Претседателката на Мексико е прекрасна жена, но е толку исплашена од картелот што не може ниту јасно да размислува, рече Трамп. јт/
Фото: МИА архива