Трамп: Заедничката воена соработка со Грција камен-темелник на безбедноста и стабилноста во Европа
- Грција е еден од најстарите пријатели на нашата нација, стратешки партнер и ценет НАТО сојузник. Ја цениме поддршката на премиерот Кирјакос Мицотакис во нашето економско и дипломатско партнерство додека создаваме можности за соработка во клучните сектори, вклучувајќи ги енергетиката, науката, технологијата, поморството, логистиката и одбраната, пишува претседателот на САД Доналд Трамп по повод националниот празник на Грција и додава дека заедничката воена соработка е „камен-темелник на безбедноста и стабилноста во Европа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 25 март 2025 (МИА) – Грција е еден од најстарите пријатели на нашата нација, стратешки партнер и ценет НАТО сојузник. Ја цениме поддршката на премиерот Кирјакос Мицотакис во нашето економско и дипломатско партнерство додека создаваме можности за соработка во клучните сектори, вклучувајќи ги енергетиката, науката, технологијата, поморството, логистиката и одбраната, пишува претседателот на САД Доналд Трамп по повод националниот празник на Грција и додава дека заедничката воена соработка е „камен-темелник на безбедноста и стабилноста во Европа“, јави дописничката на МИА од Атина.
Американскиот претседател синоќа присуствуваше на прославата во Белата куќа на годишнината од востанието за независноста на Грција, заедно со претставници на грчката дијаспора во САД, по што и ја потпиша прокламацијата во која се осврнува и на билатералните односи и го прогласува 25 март за „Ден на грчката независност: Национален ден на прославата на грчката и американската демократија“.
Трамп пишува дека на 25 март 1821 година, водени од „Слобода или смрт“, грчките револуционери ја започнаа војна за независност против Отоманската империја, а „тешката победа воспостави суверена грчка држава и национална татковина за Грција“.
- Америка е нераскинливо поврзана и со античка и со модерна Грција. Ние сме врзани со историјата и традицијата, борбата за самоуправување, еманципација и преродба. Нашите татковци основачи црпеа инспирација од грчките филозофи и државници за да ги формираат начелата на нашата нова Република, сега вградени во нашиот Устав. Нашиот национален карактер е обликуван, делумно, од неизбришливото влијание на грчкото влијание во уметноста и архитектурата, јазикот и литературата, академската и воената традиција, пишува Трамп и се осврнува на грчките Американци кои живеат во САД.
Како што објавија грчките медиуми, на приемот и прослава по повод Националниот празник на Грција во Белата куќа, освен претседателот Трамп, присутни беа и американскиот архиепископ, но и предложената американска амбасадорка во Грција.
Трамп им се обратил на присутните, акцентот ставајќи ги на оние кои имаат грчко потекло и се дел од неговата администрација, велејќи дека можеби најголемиот подарок што го наследиле од Грција е „неверојатната грчко-американска заедница, која денес брои повеќе од три милиони луѓе“ и додал дека работел многу напорно за да ги освои нивните гласови, „но не ни требаа бидејќи победивме со голема разлика“.
Архиепископот на Америка Елпидофорос на Трамп му нагласил дека го потсетува на големиот римски император Константин, кој го основа и изгради денешен Истанбул, односно како што рекол неговото родно место и на американскиот претседател му подарил свет крст, „самиот симбол што го доведе царот Константин до победа“.
- Овој крст е вечен симбол на мирот и непобедлив трофеј, знак на божествена моќ и водство. Со овој крст, се молам да донесете мир во светот и да ја направите Америка непобедлива, рече архиепископот. ср/