Трамп ги суспендираше сите програми за американска помош во странство на 90 дена
- Новиот американски претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се суспендираат сите американски програми за помош за странство на 90 дена додека со ревизија не се утврди дали помошта е во согласност со целите на неговата политика.
Вашингтон, 21 јануари 2025 (МИА) – Новиот американски претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се суспендираат сите американски програми за помош за странство на 90 дена додека со ревизија не се утврди дали помошта е во согласност со целите на неговата политика.
Засега не се знае какви ќе бидат последиците бидејќи американскиот Конгрес веќе одвоил средства за многу програми и тие се обврзани да бидат исплатени, доколку веќе не се исплатени.
Во наредбата, меѓу многуте потпишани од Трамп на неговиот прв ден од враќањето на функцијата, се наведува дека „меѓународните програми за помош и бирократијата не се усогласени со американските интереси и во многу случаи се спротивни на американските вредности“ и „служат за дестабилизирање на светскиот мир“.
Трамп изјави дека „никаква понатамошна меѓународна помош од Соединетите Држави нема да биде исплатена доколку таа не е целосно конзистентна со надворешната политика на претседателот“.
Новиот државен секретар Марко Рубио минатата недела на членовите на Комитетот за надворешни односи на Сенатот им рече дека „секој долар што го трошиме, секоја програма што ја финансираме и секоја политика што ја водиме мора да се оправда со одговарање на три едноставни прашања: „Дали тоа ќе ја направи Америка побезбедна? Дали тоа ја прави Америка посилна? и Дали тоа ја прави Америка попросперитетна?“
Наредбата потпишана од Трамп му остава на Рубио или на некој што тој ќе го избере да донесува одлуки за конкретни проекти за меѓународна помош, во консултација со Канцеларијата за управување и буџет. Стејт департментот и Агенцијата на САД за меѓународен развој се главните агенции кои ја надгледуваат оваа помош.
Трамп долго ја критикуваше американската меѓународна помош и покрај тоа што сочинува само околу еден процент од федералниот буџет, а единствен исклучок се милијарди долари за оружје дадено на Украина.
Некои од најголемите приматели на американска помош се Израел (3,3 милијарди долари годишно), Египет (1,5 милијарди долари годишно) и Јордан (1,7 милијарди долари годишно). Веројатно нема да има драматични намалувања, бидејќи овие износи се вклучени во финансиски пакети кои траат со децении, во некои случаи и со договорни обврски.
Финансирањето на агенциите на ОН, вклучувајќи ги агенциите за зачувување на мирот, човековите права и бегалците, е традиционална цел на републиканските администрации како онаа на Трамп, а тие го намалуваа нивното финансирање. јт/
Фото: ЕПА