Трагедијата во Кочани главна вест во грчките медиуми
- „Трагедија во ноќен клуб во С. Македонија: 51 загинат, 118 повредени во пожар“; „Северна Македонија: Смртоносниот пожар се прошири за неколку секунди“; „Северна Македонија: 51 загинат, над 100 повредени во пожар во клуб“; „Незамислива трагедија со 51 загинат во Северна Македонија“; „51 загинат во пожар во дискотека во Северна Македонија – сочувство од Герапетритис и Мицотакис“, „Трагедија во Северна Македонија во пожар во ноќен клуб“, се само дел од насловите во грчките медиуми за трагедијата во Кочани, а пожарот од претпладнево е главна вест, како во информативните портали, така и во вестите на сите телевизии во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 16 март 2025 (МИА) – „Трагедија во ноќен клуб во С. Македонија: 51 загинат, 118 повредени во пожар“; „Северна Македонија: Смртоносниот пожар се прошири за неколку секунди“; „Северна Македонија: 51 загинат, над 100 повредени во пожар во клуб“; „Незамислива трагедија со 51 загинат во Северна Македонија“; „51 загинат во пожар во дискотека во Северна Македонија – сочувство од Герапетритис и Мицотакис“, „Трагедија во Северна Македонија во пожар во ноќен клуб“, се само дел од насловите во грчките медиуми за трагедијата во Кочани, а пожарот од претпладнево е главна вест, како во информативните портали, така и во вестите на сите телевизии во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Во претпладневните изданија на вестите, трагедијата беше првата вест, а дел од телевизиите испратија и свои новинари во Кочани, додека Грција како преку премиерот, така и преку шефот на дипломатијата, понуди помош до земјава.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, засега не постои официјално барање од наша страна за пренесување на повредени во болниците во Солун, како што објавија дел од медиумите во Грција, меѓутоа не е исклучена можноста да се случи такво нешто со оглед на тоа што подготвеност за помош изрази официјална Атина.
Медиумите во Грција објавуваат видеа од дискотеката во Кочани, ги пренесуваат официјалните информации што доаѓаат од надлежните македонски министри, како и од медиумите кај нас и коментираат дека станува збор за голема трагедија, а повеќето од загинатите млади.
-Според првичните информации, пожарот бил предизвикан од огномет за време на концерт на музички бенд во дискотеката во градот со 25.000 жители. Пожарот избувнал околу 3 часот по локално време (4 часот по грчко време) во раните утрински часови поради употреба на пиротехника на концертот на кој присуствувале приближно 1.500 луѓе, при што дошло до стампедо, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.
-Според официјалната новинска агенција на земјата МИА, пожарот избувнал во дискотеката „Пулс“ во градот Кочани со околу 30.000 жители, за време на концертот на ДНК, хип-хоп бенд кој е многу популарен во земјава. Луѓето кои беа таму за концертот, што започна на полноќ по локално време, според истиот извор, главно се беа млади луѓе, пишува официјалниот сајт на телевизијата „Скај“.
-Членовите на бендот кои беа на сцената за концертот, кога сфатија што се случи, викна „излезете надвор, излезете надвор“, публиката почна да трча во секој правец, многумина беа прегазени и немаа време да излезат надвор, пишува информативниот портал „Прото тема“.
Весникот „Катимерини“, освен што ги пренесува информациите за пожарот, коментира дека постои стравување дека може да се зголеми бројот на загинати.
Како што претходно објави МИА, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку платформата Икс изрази сочувство за загубените животи и посочи дека „Грција е подготвена да помогне во ова тешко време“.
Претходно, подготвеноста на Грција да обезбеди секаква неопходна помош, вклучително и спасувачки тимови и медицинска помош, изрази министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис во телефонскиот разговор со шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. ср/ац/