• сабота, 23 ноември 2024

Тошковски најавува кривични пријави за злоупотреби во институциите

Тошковски најавува кривични пријави за злоупотреби во институциите

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) – Срамни се постапките на началникот на ОВР – Кочани кој ја злоупотребувал службената легитимација за бесплатно да преминува патарини, оцени денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Во одговор на новинарско прашање, Тошковски истакна дека периодов ќе следат уште кривични пријави за злоупотреби во рамки на институциите. Не ценам, рече тој, дека „правиме удри по самарот, ако не можеш по магарето, туку дека на ваков начин мораме да покажеме пример дека секој од нас мора да ги почитува законите“.

– Постапките на злоупотреба на службена положба и овластување на ваков начин се срамни. Ако може еден столар да плаќа патарина, ако може жена која што работи во било која приватна установа да плаќа патарина, ако може кој и да било македонски граѓанин да плаќа патарина, тогаш мора да плаќа патарина секој еден вработен во Министерството за внатрешни работи. Не ценам дека ние правиме „удри по самарот, ако не можеш по магарето“, туку на ваков начин мораме да покажеме пример дека секој од нас мора да почитува ги почитува законите и она за што сме се договориле, а тоа е дека ќе плаќаме патарина, рече Тошковски.

Во врска со имплементацијата на проектот „Сејв сити“, министерот рече дека сѐ уште не се поставени доволен број на камери на територијата на Град Скопје, но, рече, колку порано ќе се имплементира овој проект, толку подобро ќе биде за сите граѓани.

– Сѐ уште немаме целосна покриеност со технички уреди, односно камери на територијата на Град Скопје, како што е утврдено во проектната документација. Во наредниот период ќе следи имплементација согласно она што е договорено и е испланирано од претходно. Повеќе пати го имам објаснето значењето на „Сејв сити“ како проект, кои се бенефитите од имплементација на истиот и колку може порано да се имплементира овој проект, толку би било подобро за сите нас, имајќи предвид дека жртви на сообраќјни незгоди во Македонија на годишно ниво имаме со троцифрен број, рече Тошковски.

Потребни се одредени законски измени, додаде, за воспоставување на систем којшто ќе ги казнува оние кои управуваат моторно возило спротивно на закон, исклучувајќи го човечкиот фактор за одлуката дали треба или не треба да биде казнет.

– Ќе треба да се направат одредени законски измени и да се утврдат чекорите кои што ќе се преземат во иднина, за на крајот на денот имаме систем којшто ќе ги казнува сите оние кои управуваат моторно возило спротивно на закон, исклучувајќи го човечкиот фактор дали треба или не треба да биде казнет. Се надевам дека во текот на 2025 година ќе имаме финална имплементација на овој проект, рече Тошковски. ра/

Фото: МИА архива / принтскрин

 

Остани поврзан