• вторник, 26 ноември 2024

Тошковски: Вчера беа приведени двајца осомничени за настанот во Арачиново

Тошковски: Вчера беа приведени двајца осомничени за настанот во Арачиново

Скопје, 3 април 2024 (МИА) - Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски денеска на прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање потврди дека вчера беа приведени двајца осомничени за кои што се претпоставувало дека се поврзани со настанот во Арачиново.

-За жал, од страна на одредени политички функционери во рамки на оваа држава се демантираат работи кои што никогаш не биле кажани ниту од мене ниту од страна на мојот тим, ниту од страна на Кабинетот на министерот за внатрешни работи. Вчера беше посочено дека одредени осомничени лица се приведени во врска со предметниот настан. Многу е важно при соопштување на одредени информации во јавноста да се користат точни и прецизни поими, посочи Тошковски.

Тој додаде дека во рамките на оперативните дејствија кои што се преземаат од страна на Службите во МВР, беше утврдено дека едно од предметните лица кои што се приведени е барано со потерница. Тоа, како што потсети, беше соопштено во текот на вчерашниот ден, и истото како такво ќе биде процесуирано согласно закон.

-Не би сакал да говорам во детали кои што би можеле да загрозат каква било истрага и многу внимавам кои поими и кои термини ги користам и ги замолувам сите надлежни во рамки на сите институции кои што даваат информации во јавноста, да го сторат истото. Апелирам да се постапува согласно упатствата на Јавното обвинителство, односно да се внимава што се зборува во јавноста, се со цел да не се наштети на истрагата, рече Тошковски.

Претходно, ОЈО Скопје, во врска со пукањето кон градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибраими во кое се повредени две лица кои биле заедно со гроначалникот, информираше дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство извршил увид на лице место и издал наредби за прибирање траги и вршење соодветни вештачења.

Од Обвинителството дополнија дека ќе биде издадена и наредба за обезбедување снимки од видео надзор од околни објекти, како и за преземање други дејствија. бт/aц/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан