• понеделник, 16 декември 2024

ТикТок се обврза на трајно повлекување на својата програма „Лајт Ревардс“ од ЕУ  

ТикТок се обврза на трајно повлекување на својата програма „Лајт Ревардс“ од ЕУ  

Брисел, 5 август 2024 (МИА) – Со цел да се усогласи со Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), ТикТок се обврза дека трајно ќе ја повлече од употреба на територијата на Унијата својата програма „ТикТок Лајт Ревардс“ , соопшти денеска Европската комисија. 

Во соопштението се посочува дека ТикТок пратил известување до Еврокомисијата дека се решил на ваквиот чекор како одговор на нејзината одлука од 22 април годинава за започнување формалната постапка против социјалната мрежа поради неусогласеност со одредби од ДСА. 

Програмата „ТикТок Лајт Ревардс“ им овозможува на корисниците на ТикТок да добиваат наградни поени во реално време со гледање видеа, „лајкување“ на содржини, заследување на одредени профили или со едноставно поканување на нивните пријатели да се придружат на оваа социјална мрежа. 

Според ЕК, покрај трајното повлекување на „ТикТок Лајт Ревардс“ од ЕУ, платформата презела и обврска да не воведе друга програма што би имала слични карактеристики. 

- Оваа обврска е правно обврзувачка, што значи дека секое нејзино непочитување по автоматизам би претставувало прекршување на ДСА и затоа може да следат парични казни. Со оваа одлука, Комисијата ја затвора и формалната постапка отворена против ТикТок на 22 април, се наведува во соопштението на ЕК. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова е прв случај Комисијата да прекине започната постапка врз основа на ДСА против една онлајн платформа, откако таа се согласила да преземе одредени обврски за отстранување на загриженоста и сомнежите што биле причина за отворање на постапката.  

Програмата „ТикТок Лајт Ревардс“ беше лансирана во Шпанија и Франција во април годинава, по што Комисијата изрази загриженост дека таа е започната без претходна соодветна проценка на ризиците што ги носи и без да бидат преземени ефикасни мерки за нивно намалување, особено во врска со „предизвикувањето зависност од програмите за награди“. Според ЕК, оваа програма може „да стимулира зависничко однесување“ и потенцијално да има негативни ефекти врз физичкото и менталното здравје на корисниците, пред се на малолетниците. 

Согласно ДСА, т.н. „многу големи онлајн платформи“, меѓу кои е и ТикТок, се обврзани да вршат проценка на ризиците и да преземаат мерки за справување со нив. Откако ТикТок не достави извештај за проценка на ризикот од програмата „ТикТок Лајт Ревардс“, Еврокомисијата реши да покрене формална постапка против социјалната мрежа.  

Инаку, ова беше втора постапка на ЕК против ТикТок поради сомнеж за прекршување на одредби од ДСА, по онаа започната на 19 февруари годинава, која и натаму останува отворена. 

Покрај оваа, во моментов активни се и формални постапки на ЕК и против АлиЕкспрес, започната во март, две против Мета, едната од април, а втората од мај, како и против Икс, иницирана на 12 минатиот месец. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан