• сабота, 23 ноември 2024

Теохарис: Туризмот и копнените граници се отвораат на 14 мај, под правила и безбедносни протоколи

Теохарис: Туризмот и копнените граници се отвораат на 14 мај, под правила и безбедносни протоколи
Атина, 6 април 2021 (МИА) – Ќе отвориме на 14 мај, ќе ги отвориме сите копнени премини, за да ги немаме тешкотиите што ги имавме лани, рече министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеничката на СИРИЗА, Кирјаки Малама, во врска со туристичката сезона, конкретно за Халкидики, јави дописничката на МИА од Атина. Теохарис уште еднаш го објасни владиниот план во пет точки со предусловите за патување во Грција: или вакцинација или негативен тест, во комбинација со контроли при влезот за доколку има позитивни посетители да се откриваат, хотели- карантин за изолација на заразените, вакцинација на туристичките работници, како и строго почитување на здравствените протоколи, „кои лани ги чуваа безбедни и туристите и граѓаните“. -Го соопштивме нашиот план и сме единствената земја која толку јасно го соопшти. Бев во низа земји во изминатиот период. Повеќето од нив, всушност, би рекол сите се за северна Грција. Тоа се Романија, Србија, мојата комуникација со министерот за здравство на Северна Македонија, за да го објасниме нашиот план за тоа како ќе отвориме и како би можело да биде на нашите граници, истакна министерот за туризам на Грција. Говорејќи за патниот туризам лани објасни дека беше „воена состојба“ и земјата немаше капацитет за персонал на сите влезни точки, а контролата беше потешка и потсети дека бранот го погоди Балканот во моментите кога Грција го отвораше туризмот, но сега, истакна дека постојат повеќе алатки, брзи тестови, вакцини, како и искуство од ланската сезона. -Кога ќе имаме брзи тестови на аеродромите, нема да биде потребно 24 часа подоцна да ги бараме и да ги собираме од хотелите и да ги носиме во хотелите за изолација, туку ќе можеме изолацијата да ја правиме директно на аеродромите и сите ние ќе бидеме многу побезбедни. Или соодветно, ако некој дојде со автомобил на копнените граници, ќе може да се врати назад во неговата земја ако некој од семејството е позитивен, објасни Теохарис, пренесе МИА. Министерот за туризам истакна дека сите правила и мерки што важат за Грците, важат и ќе важат и за посетителите и ги демантираше шпекулациите дека туристите кои веќе се во земјата, се шетаат слободно, наспроти грчките граѓани кои се во карантин. -Нема да има дискриминација ниту за вакцинираните, ниту за туристите, за никој. Нема да имаме отворени ресторани само за вакцинираните. Земјата има конкретни правила. Ги предлага здравствената комисија, Министерството за здравство и секако самиот премиер, а овие препораки важат за сите, без разлика дали се тоа туристи или грчки државјани. И ова ќе продолжи да биде вака и во текот на целото лето, објасни Теохарис од Парламентот. Во однос на дискусијата за „covid-free“ острови, рече дека е погрешна бидејќи планот за туризмот се однесува на земјата во целина како безбедна дестинација, објаснувајќи дека жителите на одредени острови се вакцинираат од оперативни причини и тоа не е поврзано со туризмот. ср/сд/

Остани поврзан