• понеделник, 16 декември 2024

Теменугова: Преку медиумска писменост до активна партиципација во општеството

Теменугова: Преку медиумска писменост до активна партиципација во општеството

Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - Преку медиумска писменост до активна партиципација во општеството, Институтот за комуникациски студии има долги години активности за медиумска писменост, како модел, форма на активно граѓанство. Ова го истакна денеска Александра Теменугова од Институтот за комуникациски студии, во изјава за МИА, пред почетокот на панел - дискусијата насловена: „Зошто граѓанска наука во образованието?“, организирана од Здружението на граѓани „Еко логик“ од Скопје.

Таа се осврна на вештините што се потребни, умеење за пребарување и пристап до информации, анализирање и критички пристап кон тоа што се чита, гледа, слуша, умешност за сознавање на тоа како медиумите влијаат на нас, а како ние кон нив во тој општествен контекст, создавање медиумски содржини за да може поединец или група, заедница, да твори и изрази свои барања, умешност да се користат медиумите за граѓанска вклученост, активна партиципација во општеството, да се покрене одредена иницијатива, да се смени регулатива, да се смени нешто во заедницата. 

Програмскиот координатор во „Еко логик“, Стојне Тодоровска, го води овој проект посветен на популаризација на граѓанската наука помеѓу средношколците. 

- Се работи за активности во кои непрофесионалци, само вљубеници во животната средина, се вклучуваат во активности како истражувања, следење, мониторинг на загадување на воздух, реки, почва, биодиверзитетот генерално. Собираат податоци и заедно со невладини организации или истражувачки центри, соработуваат, за заеднички да најдат решенија, појасни Тодоровска за МИА.

Учествуваат претставници на граѓански организации и средни училишта, а целта е, како што беше кажано, да се поттикне дискусија за важноста на еко-активизмот и вклученоста на средните училишта и средношколците во активности за следење, истражување и решавање на локалните проблеми со животната средина, како и значењето на медиумската писменост за активно граѓанство.

- Панел-дискусијата е дел од проектот „Хаб на истражувачи“, што „Еко логик“ го спроведува со поддршка на Амбасадата на САД во земјата, а има за цел да ја промовира граѓанската наука во заштита на животната средина, образованието за животната средина во средните училишта, како и да поттикне поголема вклученост на средношколците во еко-акции, дискусии и истражувања, соопштија од здружението што го организира настанот, реализиран во Клубот на новинари во Скопје. 

Од 20 до 22 септември, Здружението организирало тридневна обука за зазеленување и вмрежување на општините. Учествувале претставници на различни сектори и одделенија од шест скопски општини и од општина Кочани. Имало и камп за граѓанска наука, каде учествувале седумдесетина млади од Скопје и Кочани. бд/нд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан