• сабота, 23 ноември 2024

Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково

Таравари: Ќе ја вратиме некогашната репутација на Куманово и Липково

Скопје, 17 април 2024 (МИА) - Претседателскиот кандидат на Коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари вечерва на митинг во општина Липково вети дека доколку биде избран за претседател на државата ќе го врати некогашниот углед на Куманово и Липково како економски и земјоделски развиени места.

-Ќе го поврземе Куманово со Гњилане и Прешево, ќе инвестираме повеќе во агробизнисот, во грантови за земјоделците и во економски развој за да ја вратиме некогашната репутација на земјоделството и производството во регионот на Липково и Куманово, рече Таравари

Тој кажа дека општина Липково ја донесе ДУИ на власт, а како награда, општината, како што рече, добила само штета, неправда и лошо владеење.

-Наместо да се привилегира и развива овој регион кој некогаш важеше за кризен регион, лошото владеење на ДУИ го втурна во повеќекратни кризи. Економска и земјоделска криза, невработеност и миграциска криза, но и безбедносна криза и монтирани случаи. Никој повеќе од жителите на овој крај не ги почувствувал последиците од лошото владеење на ДУИ, нагласи Таравари во својот говор.

Според него, оваа состојба ќе заврши со гласот на самите граѓани за „Вреди“ и ќе ја донесе долгоочекуваната промена.

-Ќе донесеме повеќе правда, прво за политички монтираните случаи, каде што ќе се заложиме за правда и обештетување за оние Албанци кои неправедно се држат во затвор,  изјави Таравари.

Тој меѓу другото, повтори дека со доаѓањето на коалицијата „Вреди“ на власт ќе се забрани коцкањето, а ќе се простат и долговите од фирмите за брзи кредити кои, исто така, рече, дека ќе се затворат. вг/лв/

Фото: Коалиција Вреди

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан