• среда, 25 декември 2024

„Танцувајќи со Камара“ на Сандра Ѓоргиева вечер на „Македокс“

„Танцувајќи со Камара“ на Сандра Ѓоргиева вечер на „Македокс“

Скопје, 18 август 2024 (МИА) - Премиерно на „Македокс“, вечерва во 22.30 часот во „Сули ан“, ќе бидe прикажан краткиот документарен филм „Танцувајќи со Камара“ на режисерката и монтажерка Сандра Ѓоргиева, информираат од нејзиниот тим.

- Катарина Камара е кореографка и танчерка по современ танц од Португалија, која држи часови по танц на затвореници во затворот „Лињо“ во Лисабон. Нејзините силна енергија и авторитет ѝ даваат слобода да се движи во ист простор со мажи осудени на долги затворски казни и одгледани во патријархален систем. Таа верува дека преку танц и разговори, може да им го подобри процесот на рехабилитација, но и да помогне овој свет да стане подобро место за нејзината осумгодишна ќерка, се наведува во соопштението.

Филмот е снимен, режиран и монтиран од Ѓоргиева, како дел од „Еразмус“ - мастер програмата „ДокНомадс“, што се одвива во три универзитети во три земји - Португалија, Унгарија и во Белгија. 

Продукцијата е на „ДокНомадс“, под менторство на Виктор Кандеиас, Тиаго Еспања и Маргарида Кардосо.

- Ѓоргиева има завршено Факултет за драмски уметности во Скопје, отсек филмска и ТВ монтажа. Потоа работи во постпродукција на ТВ серии, а паралелно се занимава и со режија и сценарио.  Претходни филмови се „Зелени ѕидови, црна храна“ (2015), „Црно и бело“ (2019), „Еден тон сладолед“ (2021). Во моментов, паралелно со други студии, е во препродукција на краткиот филм „Сертификат за живот“, развиен на Мидпоинт институт, во продукција на „Минимал Колектив“, а поддржан од Агенција за филм, пишува во соопштението. бд/дма/

Фото: Тим на Сандра Ѓоргиева

Остани поврзан