• сабота, 21 декември 2024

Талибанците сметаат дека е апсурдно да ги обвинуваат за родова дискриминација

Талибанците сметаат дека е апсурдно да ги обвинуваат за родова дискриминација

Кабул, 26 септември 2024 (МИА) - Талибанците во Авганистан денеска соопштија дека е „апсурдно“ да ги обвинуваат за родова дискриминација и други прекршувања на човековите права, во време кога Австралија, Канада, Германија и Холандија имаат намера да покренат судска постапка против нив за прекршување на Конвенцијата на ОН за жени.

„Ги осудуваме грубите и систематски прекршувања и злоупотреби на човековите права во Авганистан, особено родовата дискриминација врз жените и девојчињата“, соопштија тие земји.

„Авганистан е одговорен според меѓународното право за своето континуирано грубо и систематско кршење на бројните обврски од Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените“, додаваат тие.

И покрај ветувањето за поумерено владеење по преземањето на власта во 2021 година, талибанците им забранија на жените и девојчињата образование по шесто одделение, како и повеќето работни места. Во август беа донесени закони со кои им се забранува на жените да го покажуваат своето лице непокриено.

Повеќе од 20 земји денеска изразија поддршка за предложената правна акција против талибанците.

Земјите посочија дека политички не ги признаваат талибанците како легитимна влада. „Неисполнувањето на обврските од страна на Авганистан според договорот за човекови права е клучна пречка за нормализација на односите“, велат тие.

Заменик портпаролот на талибанците Хамдула Фитрат изјави дека човековите права се заштитени во Авганистан и дека никој не се соочил со дискриминација.

„Апсурдно е да се обвинува исламскиот емират Авганистан за кршење на човековите права и родова дискриминација“, напиша тој на Икс.

Талибанците ги отфрлаат сите критики за нивните политики, особено оние кои се однесуваат на правата на жените. Тие тврдат дека нивните постапки се во согласност со нивното толкување на исламскиот закон, односно шеријатот. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан