• среда, 27 ноември 2024

Судскиот совет по трет пат ќе објави оглас за избор на член на Советот од редот на врховните судии

Судскиот совет по трет пат ќе објави оглас за избор на член на Советот од редот на врховните судии

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) – Судскиот совет на денешната седница соопшти дека и на вториот оглас за избор на член на Советот од редот на врховните судии не се пријавил никој и повторно донесе одлука за објавување на нов оглас за избор на член од Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Членот Селим Адеми, на денешната седница нагласи дека не треба во јавноста да се добие перцепција дека судиите од Врховен не сакаат да се пријават, всушност, како што рече „нема кој да се пријави“.

- Да нема лоша перцепција дека не сакаат да се пријавуваат. Бројот на судиите што се таму е еден претседател, еден поранешен, друг бил па дал оставка, двајца се пред пензија, а на другите им се забранува, рече тој.

Останатите членови не се согласија дека на денешната седница треба да се расправа за подробностите од овој избор, туку донесоа одлука да се распише оглас, а во меѓувреме на колегиум да расправаат по прашањето на изборот. 

На седницата беше формирана и комисија за рангирање на изборот на член од Врховен суд.

Од редот на врховните судии во Судскиот совет претходно беше судијката Мирјана Радевска-Стевкова, која даде оставка поради случувањата во Советот за кои во јавноста имаше многу реакции.

Потоа, на огласот по оставката на Радевска-Стевкова, беше избран судијата Наќе Георгиев кој мораше да поднесе оставка на денот на заклетвата во Собранието, бидејќи во истиот момент неговиот син требаше да биде избран за судија, по што беа пуштени два нови огласи со одлука од 451 и 454 седница на Судски совет на кои што не се пријави никој.

На денешната седница беше донесена и одлука за избор на двајца судии поротници на Апелациониот суд Скопје и беше одлучено позитивно по барања за патни трошоци за две судијки од Основен кривичен суд кои се времено упатени во Основен суд Свети Николе и Основен суд Струга.

Јавноста беше исклучена од точката за формирање на комисии на известители по поднесени барања за утврдување одговорност на судија/претседател на суд. ар/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан