• среда, 25 декември 2024

Стругар Митевска за „Најсреќниот човек на светот“: Кога ќе ја погледнеш вистината во очи, може да ти биде простено

Стругар Митевска за „Најсреќниот човек на светот“: Кога ќе ја погледнеш вистината во очи, може да ти биде простено
Скопје, 29 октомври 2022 (МИА) - „Најсреќниот човек на светот“ зборува за помирување после реализација. Дури откако ќе ја погледнеш вистината во очи и ќе ја земеш одговорноста на себе, тогаш може да ти биде простено. Не сакавме да зборуваме за војна, туку за она што се случува откако војната завршува. Сакавме да создадеме дело кое е современо, да го покажеме Сараево денес. Имав огромен предизвик пред себе, но сметам дека го постигнав тоа што сакав, вели во интервју за МИА режисерката Теона Стругар Митевска за нејзиниот филм, кој годинава ја носи титулата - македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм. Филмот „Најсреќниот човек на светот“ разви високи очекувања во јавноста уште во самата фаза на подготовка. Во септември имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција, а имаше и своја проекција во Торонто. Месецов, патуваше низ пет фестивали на светот. Почна со ексклузивна проекција на филмскиот фестивал во Киев, Украина, која беше проследена со предавањето на Теона Стругар Митевска. По Киев, филмот продолжи во Израел на филмскиот фестивал во Хаифа, потоа во Бразил на Интернационалниот филмски фестивал во Рио де Женеиро, до крајот на месецов ќе се прикажува и во Словенија, каде ќе се натпреварува за наградатаВесназа малцински копродукции на Филмскиот фестивал во Ровињ.    Филмот е копродукција на Северна МакедонијаСловенијаХрватскаБелгијаБиХ и Данска. Целосно е на босански јазик и главнината на актерската група се босански и хрватски актери.   Филмот е реализиран по вистинска животна приказна на Елма Татарагиќ, која е косценаристка во филмот. - Откако ќе ја погледнеш вистината директно во очи и ќе ја земеш одговорноста на себе, дури тогаш може да ти биде простено. Тоа е главната порака и идеја на филмот, и тоа е она што Елма сакаше да го каже преку сценариото. Долго време дискутиравме за крајот на филмот, затоа што јас како „аутсајдер“ постојано велев „Јас не би можела да простам на некого кој ќе ме повреди на тој начин“. Но, Елма ми рече - „Теона, јас веќе му имам простено. Затоа што јас не можам да продолжам да живеам и да создавам каква било иднина, ако не простам“. Приказната е интересна, и многу лична и приватна во однос на Елма, вели Митевска за МИА. Митевска е децидна дека филмската уметност дава можност да разменуваме искуства, а преку разменување искуства учиме едни од други. Сепак, појаснува дека е огромен предизвикот да се успее како жена режисер во светот на филмската уметност, каде се уште доминанти се мажите. -Не ми е јасно како се осудуваме да не им даваме простор на жените. Но, морам да признам, работите се менуваат. Сè повеќе и повеќе жените имаат можност да се изразат и да ги кажат своите приказни онака како што сакаат. Но, нè чека уште работа, уште постојат препреки, вели Митевска. Филмот „Најсреќниот човек на светот“ имаше премиера во државата на 27 октомври, четврток, во кино „Милениум“ и истиот ќе се прикажува следните две недели. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ. Интервјуто го пренесуваме во целост: Може ли за почеток да ми кажете, со оглед на тоа дека филмот се базира на вистинска приказна, како дојдовте до идејата да ја пресликате токму оваа приказна на филмско платно? Која беше вашата почетна инспирација?   Целата приказна што ја гледате на платното е она што и се има случено на Елма. Таа приказна Елма ми ја раскажа пред седум/осум години, и беше потребно долго време за да ја најдеме вистинската форма преку која ќе ја прикажеме приказната. Не сакавме да зборуваме за војна, да го рекреираме она што на неа и се случило, туку да зборуваме за она што се случува откако војната завршува. Сакаме да создадеме дело кое е современо, да го покажеме Сараево денес, современо Сараево, и како луѓето продолжуваат да живеат или пак не живеат, со сето она што им се има случено. Лично јас имав 17,18 години кога беше војната во Босна и таа војна не директно, но индиректно имаше влијание врз мене, врз тоа што сум и како се развивав. Пораснав во Југославија, мајка ми е Црногорка, татко ми е Македонец пораснат во Скопје, и престанокот на таа земја, на Југославија, за мене е голем губиток. Јас сум сосема носталгична кон она што беше и она што го живеевме, и ден денес верувам дека како народи, како екс-југословенски народи имаме многу повеќе работи кои не спојуваат, отколку што не раздвојуваат. Така да, чекам повторно да се споиме. Да зборуваме за војна и за поствоени емотивни состојби кај човекот воопшто не е лесно. Која, според вас, е крајната цел која треба да ја восприемат гледачите? Што можеме да научиме од филмот?   Филмот зборува за помирување, односно помирување после реализација. Откако ќе ја земеш, ќе ја погледнеш вистината директно во очи ќе ја земеш одговорноста на себе и дури тогаш може да ти биде простено. Отприлика, тоа е главната порака и идеја на филмот. Тоа е она што Елма сакаше да го каже преку сценариото. Долго време дискутиравме за крајот на филмот, затоа што јас како „аутсајдер“ постојано си велев дека Елма не може нему да му прости. Јас не би можела да простам кога некој на тој начин би ме повредил. Но, Елма ми рече - „Теона, јас веќе му имам простено. Затоа што јас не можам да продолжам да живеам и да создавам каква било иднина, ако не простам“. Интересна е приказната. Станува збор за нешто многу лично и приватно во однос на Елма. Елма е иста генерација со мене. Таа со години се обидуваше да забремени, да роди дете. Еден месец откако го заврши сценариото остана бремена и денеска има дете кое има три години. Така што, на некој начин, овој филм влијаеше врз неа како некакво ослободување или катарза која и даде можност да создаде некаква иднина и да роди прекрасно дете. Филмот имаше светска премиера на фестивалот во Венеција, имаше проекција во Торонто, месецов се прикажуваше на пет фестивали низ целиот свет. Може ли да споделите импресии од овие проекции и очекувавте ли ваков позитивен исход од филмот?   Да, очекував. Секогаш го очекуваш тоа, кога создаваш едно дело и даваш се од себе. Тогаш очекуваш дека публиката, критиката, ќе го прифати или ќе ја добие пораката која ти се обидуваш да ја пренесеш. Венеција беше фантастична. По проекцијата на филмот имавме овации од осум минути. Тоа беше супер фантастично доживување, посебно што публиката во Венеција е поделена. Таму има филмски професионалци, но и обична публика. Тоа е многу убав момент бидејќи гледаш како луѓето, како публика низ светот може да го прифати филмот, или пак да не го прифати. Филмот исто така го прикажував пред две недели и во Киев, во Украина. Тоа беше многу емотивно доживување, но мислам дека воедно е и важно доживување, бидејќи филмската уметност дава можност да разменуваме искуства, а преку разменување на искуства учиме едни од други. Автор сте и на многу други успешни филмски остварувања како што е „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ или „Кога денот немаше име“... Постои ли нешто што го издвојува „Најсреќниот човек на светот“ од сите ваши претходни остварувања?   „Најсреќниот човек на светот“ е мојот најдобар филм. Во „Најсреќниот човек на светот“ работев со ансамбл. Многу е тешко кога работиш не со еден или двајца глумци, туку кога целата приказна се случува во еден простор, каде што имаш 40 актери, кои јас ги нарекувам слободни „радикали“ или „атоми“, кои се движат низ просторот. Целиот филм за мене е еден вид на игра или „денс“ кој мора да биде добро искориогрефиран, за да не биде толкав хаос. Многу работевме на поставување на актерската игра или актерското движење, и како камерата реагира во однос на тоа. Ова претставуваше огромен предизвик за мене, но мислам дека го постигнав тоа што сакав да го постигнам. Лично, немам забелешки. Можеби следната година кога повторно ќе го гледам, ќе речам дека сум можела поинаку да го направам. Како и да е, можам да кажам дека многу научив од овој филм. Колкав е предизвикот да се успее како жена режисер во светот на филмската уметност, каде се уште доминанти се мажите?   Голем, огромен. Сега можам да кажам дека е полесно во однос на времето пред 20 години, кога јас почнав да создавам филмови. Но, се уште е тешко. На пример, пред некој ден читам деке е излезена од печат книга на еден наш критичар за македонски режисери, а во таа книга нема ниту една жена. Ова не можеш и не смееш да го правиш. Јас сепак сум прва жена режисер во земјава. Не мора ни јас да бидам дел од книгата, но има други жени режисерки кои не треба да бидат запоставени. Не ми е јасно како се осмелуваме да не им даваме простор на жените. Но, работите се менуваат. Се повеќе и повеќе жени имаат можност да се изразат и да ги кажат своите приказни онака како што сакаат. Сметам дека сè уште има многу работа, сè уште постојат препреки. Но, верувам дека е поинаку од времето пред 20 години, кога на некој начин треба да се тепаш со некого за да докажеш дека ти како режисер или како продуцент, припаѓаш на таа функција на која си ставен. На што работите во моментов? Може ли да ми откриете дел од вашите планови за иднина?   Во моментов работам на неколку проекти. Секогаш работам на повеќе од еден проект. Сега работам на пет, а можеби и на шест проекти па останува да го видиме исходот на крајот. Имаме филм кој го подготвуваме за следната година, филмот се вика „Мајка“. Исто така, подготвуваме и неколку серии, а има уште еден филм во најава. Остануваме активни, па ќе видиме каде ќе не однесе патот. https://youtu.be/vJJrbUsiuDQ Бисера Трајковска фото Фросина Насковиќ видео Андреј Бранковиќ  

Остани поврзан