• петок, 08 ноември 2024

Сто педесет и две години од раѓањето на Гоце Делчев

Сто педесет и две години од раѓањето на Гоце Делчев

Скопје, 4 февруари 2024 (МИА) - Во земјава денеска се одбележуваат 152 години од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.

Во чест на раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, повеќе делегации ќе положат цвеќе во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Како што е најавено, цвеќе ќе положат претседателот на државата Стево Пендаровски и собраниска делегација предводена од потпретседателот на Парламентот Горан Мисовски, а  во чиј состав се и пратеничките Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска. 

Цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев ќе положи и владина делегација предводена од првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска - Стојчевска и заменик-министерот за транспорт Беким Реџепи.

Владина делегација составена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерка за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка ќе положат цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје.

На годинашното одбележување не е најавено доаѓање на официјална делегација од Бугарија, како што беше минатата година. 

Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата.

Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја борбата за слобода на македонскиот народ, тој ја обиколил целата држава.  Противниците на македонското револуционерно дело во Гоце Делчев гледале најголем непријател и се обидувале на секој начин да го ликвидираат.

Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. На 4 мај во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев од 1946 година се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје. мд/дма/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан