Стотици илјади луѓе беа на протестот одржан вчера во Белград, Вучиќ вели дека властите ја разбрале пораката
- „Невиден број српски граѓани мирно демонстрираа во Белград, повикувајќи на владеење на правото и силни, одговорни демократски институции. Им благодарам на сите што се погрижија за нивната безбедност. Треба да следи договор за реформите неопходни за европскиот пат на Србија“, објави на Икс еврокомесарката за проширување Марта Кос.

Белград, 16 март 2025 (МИА) - Стотици илјади студенти и граѓани се собраа вчера во центарот на Белград на протестот „15 за 15“, на кој повикаа студентите во блокада поради неправди и корупција, додека власта се бори да го запре повеќемесечниот бес инициран откако во ноември лани се урна бетонска настрешница на железничката станица во Нови Сад при што загинаа 15 луѓе, јави МИА од Белград.
Студентите во Србија, со која цврсто владее популистичка влада повеќе од една деценија, одржуваат речиси секојдневни протести низ државата и привлекуваат десетици илјади луѓе со што ја потресуваат цврстата контрола на власта на претседателот Александар Вучиќ.
Главниот протест одржан вчера, се одржа на повеќе локации во главниот град на Србија. Фармери, моторџии, воени ветерани, наставници и професори како и други групи се приклучија на демонстрациите.
Протестот, што беше закажан за 16 часот пред Народното собрание, почна неколку часа порано, имајќи предвид дека од рано изутрина сообраќајот беше блокиран на голем број улици во Белград, а граѓаните со часови правеа врева со свирежи и вувузели и скандираа „Пумпај“ каде и да поминуваа.
Петнаесетминутниот молк во еден момент го прекина непознат звук кој насобраните го опишаа како топовски удар, по што дел од учесниците на протестот се обидоа да заминат. Студентите во болада од Факултетот за драмски уметности во Белград со итно соопштение ги повикаа граѓаните да се тргнат од областа околу Народното собрание поради инцидентите што се случија, а потоа целосно да го напуштат протестот. Тие изјавија дека студентскиот протест со тоа завршил, меѓу еден и два часа пред претходно најавениот крај.
Архивот на јавни собири објави дека на протестот „15 за 15“ во Белград имало меѓу 275.000 и 325.000 луѓе додека МВР на Србија соопшти дека на протестот во Белград присуствувале околу 107.000 луѓе. Полицијата регистрирала за време на протестот неколку инциденти.
Партии од опозицијата соопштија дека властите употребиле звучен топ на протестот, чие користење е забрането и додадоа дека за тоа итно ќе ја известат меѓународната заедница и институциите на ЕУ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека властите добро ја разбрале пораката од протестот, нагласувајќи дека ќе мора нешто да сменат.
„...Добро ја разбравме пораката и сите луѓе на власт мора да ја сфатат пораката кога овој многу народ ќе се собере околу нив, а ние ќе треба да се промениме и да научиме многу од тоа“. Според него, полициските и воените сили успеале за време на протестот во Белград да спречат обоена револуција во Србија.
Тој додаде дека полицијата не употребила звучен топ и дека „ Србија денеска победила“.
Српскиот претседател изјави дека е уверен оти на избори „поубедливо од претходните ќе ја победи опозицијата“ и дека секогаш е подготвен да го тестира сопствениот легитимитет.
Вучиќ во Палатата Србија изјави дека ако е вистина дека неговиот легитимитет е уништен со протестите, „лесно ќе ме победат на изборите, а јас сум подготвен да ја прифатам пресудата на народот, само не дозволувајте да се жалат по изборите дека загубиле“.
Тој додаде дека останува да се испита дали е вистина дека некој на протестите во Белград имало намера да се изврши државен удар.
Зборувајќи за паркираните трактори, тој рече дека тоа се „трактори на чесни српски домаќини“ поставени пред Пионирски парк „за да се избегне крвопролевање во Белград“.
Истражувањето на јавното мислење спроведено за српските власти, до кое имале пристап „Фајненшл тајмс“, покажа дека поддршката за претседателот Александар Вучиќ е значително намалена и дека само една третина од испитаниците имаат доверба во него, додека 55 проценти немаат доверба во него. Од друга страна, српските студенти кои со месеци протестираат и блокираат универзитети се поддржани од 58 отсто од испитаниците, се вели во текстот на Фајненшл тајмс „Србите пристигнаа во Белград: Време е режимот да престане“, за вчерашниот протест во Белград.
„Невиден број српски граѓани мирно демонстрираа во Белград, повикувајќи на владеење на правото и силни, одговорни демократски институции. Им благодарам на сите што се погрижија за нивната безбедност. Треба да следи договор за реформите неопходни за европскиот пат на Србија“, објави на Икс еврокомесарката за проширување Марта Кос.
-Би-Би-Си - Антивладиниот протест во Белград е веројатно еден од најголемите протести во историјата на Србија, оценува медиумот, додавајќи дека смртта на 15 лица во уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад предизвика бран незадоволство кон властите и кон претседателот Александар Вучиќ. Демонстрантите ја обвинуваат корупцијата и лошо извршените градежни работи за загубата на животи и веруваат дека несреќата е одраз на повеќе од една деценија владеење на Српската напредна странка на Вучиќ, која е поврзана со реновирањето на станицата. И покрај оставки и тврдењето на Вучиќ дека нема да се повлече, протестите продолжуваат да се шират, јави Би-Би-Си.
- АП - Најмалку 100.000 луѓе се собраа во Белград на масовен протест што се смета за кулминација на повеќемесечните демонстрации против популистичкиот српски претседател Александар Вучиќ и неговата влада. Заглушувачкиот звук на свирежи, тапани и вувузели одекна денеска низ центарот на Белград, при што некои демонстранти носеа транспаренти на кои пишуваше „Готов е“, а многумина извикуваа „Пумпај“.
Агенцијата ги пренесува и зборовите на демонстрантот Дејан Симиќ дека денешниот масовен протест не е крај на борбата за подемократска Србија, туку „само почеток на крајот, процес за кој се надева дека наскоро ќе биде завршен“.
Студентите кои протестираат, повикувајќи се на правда, се клучна сила во антикорупциското движење, и одлучноста на студентите има силно влијание врз граѓаните кои се разочарани од политичарите и ја изгубиле довербата во државните институции.
- Француски медиуми на своите веб-страници синоќа пренесуваа вести од протестите во Белград, со заедничка оценка дека станува збор за „историски митинг против корупцијата“ и продолжување на мобилизацијата што ја иницираа студентите по уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад.
Повеќе од 100.000 луѓе маршираа низ улиците на Белград на историски демонстрации по неколкумесечните протести против корупцијата предводени од српските студенти со намера да покажат дека „промената е можна“, пишува агенцијата Франс прес. „Се организиравме од ништо и постигнавме многу“, рече студентка од бината на главниот плоштад. „Ги обединивме земјата, генерациите, разбудивме солидарност и емпатија и покажавме дека промените се можни кога се бориме заедно“, рече таа, пренесе француската агенција.
Париски Ле Монд објави дека повеќе од 100.000 луѓе се во Белград, повикувајќи се на податоци од српското МВР, додавајќи дека се чини дека станува збор за историски собир, по неколкумесечни студентски протестни движења. „Властите, од своја страна, ја собраа својата поддршка, вклучително и членови на поранешна ултранационалистичка паравоена формација“, пишува „Монд“.
Весникот „Фигаро“ објави фотографии од протестот, наведувајќи дека тие „оставаат впечатлив впечаток“ поради огромниот број на луѓе во Белград собрани на антикорупцискиот собир. Демонстрантите дојдоа на покана на студенти за да изразат „незадоволство по години диктатура и корупција“, пишува весникот.
За „историски протест во Србија“ објави и порталот „Франс инфо“.
Весникот Ouest France објави дека веќе неколку дена се зголемуваат тензиите во Белград, каде што и српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика своите приврзаници да излезат на улица, обвинувајќи ги демонстрантите за подготовка на насилство и поттикнување државен удар.
Порталот Radio France Internationale објави дека протестот во Белград претставува „предизвик за слабо функционалниот автократски режим“. „Тоа е движење на пркос против режимот на српскиот претседател Александар Вучиќ и од фаталното уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година“, додава РФИ.зш/