• сабота, 23 ноември 2024

Столтенберг за Хуавеј: Британската анализа за безбедноста на 5Г е важна

Столтенберг за Хуавеј: Британската анализа за безбедноста на 5Г е важна
Брисел, 10 јуни 2020 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави денеска дека Западот не може да го игнорира развојот на Кина и поради тоа е важно Велика Британија да ја разгледа улогата на Хуавеј во нејзината 5Г мрежа. Столтенберг истакна дека Кина му се приближува на Западот на многу начини - на Арктикот, во кибернетичкиот простор и во стратешката инфраструктура, вклучувајќи ги и телекомуникациите. - Верувам дека британската Влада ќе дизајнира свои мрежи, со што ќе ги заштити и ќе се погрижи Британија да има безбедна 5Г мрежа. Затоа сметам дека е важно да се изврши нова ревизија, за тоа да се постигне, нагласи Столтенберг. Во врска со изјавите на Столтенверг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека Кина не претставува закана за ниту една земја. - Се надеваме дека НАТО и понатаму ќе има коректно мислење за нас и рационално ќе гледа на нашиот развој, додаде портпаролот. Согласно широките анализи за односите со Кина, британскиот Национален центар за кибер безбедност го разгледува влијанието на американските санкции на британската одлука да му дозволат на Хуавеј да постави 5Г мрежа во Британија. Британскиот премиер Борис Џонсон во јануари му даде на Хуавеј ограничена улога во британската 5Г мрежа и со тоа предизвика фрустрации кај САД, кои сакаат да ги исклучат кинеските телекомуникациски компании од западните комуникации на новата генерација. гт/

Остани поврзан