• среда, 27 ноември 2024

Стефанишина им одговори на САД: Руските рафинерии се легитимни воени цели за Украина

Стефанишина им одговори на САД: Руските рафинерии се легитимни воени цели за Украина

Киев, 22 март 2024 (МИА) - По денешната реакција на Вашингтон дека Киев треба да ги запре нападите со беспилотни летала врз руските рафинерии, украинската вицепремиерка Олга Стефанишина изјави дека руските рафинерии се легитимна цел на украинската армија.

Британските медиуми пренесуваат дека во текот на овој месец Украина ги засили нападите врз руските енергетски постројки, гаѓајќи ги најголемите руски рафинерии со беспилотни летала, предизвикувајќи прекин на електричната енергија во некои од нив.

-Ги разбираме повиците на американските партнери, но во исто време се бориме со капацитетите и ресурсите што ги имаме, рече Стефанишина на Безбедносен форум во Киев.

Таа додаде дека, од воен аспект, и енергетските капацитети се легитимни цели.

САД денеска ја повикаа Украина да ги запре нападите со беспилотни летала врз руските нафтени рафинерии и друга енергетска инфраструктура, наведувајќи дека нападите може да ги зголемат глобалните цени на нафтата и да предизвикаат руска одмазда, потврдија три неименувани извори запознаени со ова прашање.

Повторените предупредувања од Вашингтон се испратени до високи функционери на службата за државна безбедност на Украина (СБУ)  и на нејзината управа за воено разузнавање позната како ГУР, дознава Фајненшл тајмс.

Од почетокот на руската инвазија, двете украински разузнавачки служби континуирано ги прошируваат своите програми за беспилотни летала за да напаѓаат руски цели на копно, море и во воздух.

Неименуван, добро информиран извор за Фајненшл тајмс потврди дека Белата куќа е сè пофрустрирана од нападите со украински беспилотни летала врз рафинерии, терминали и магацини низ западна Русија, оштетувајќи ги руските производствени капацитети. сд/

фото:Википедија

Остани поврзан