• четврток, 15 јануари 2026

Стерјовски го честиташе денот на македонската азбука и порача да се чува македонскиот јазик, азбука, култура  и традиција 

Стерјовски го честиташе денот на македонската азбука и порача да се чува македонскиот јазик, азбука, култура  и традиција 
Пустец, 28 мај 2021(МИА) - Претседателот на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција Васил Серјовски, од негово лично име и од во име на партијата, како учесник на настаните кои се одржуваат во општина Пустец го честиташе Денот на македонската азбука и 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. -Ова година одбележуваме 77 години од донесувањето на решението за утврдување на македонската азбука со 31 буква. Во исто време одбележуваме и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, кој е еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност, рече Стерјовски. Тој му се заблагодари на македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски за неговата иницијатива за одбележување на Денот на македонската азбука и 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во Пустец и искажа надеж дека ова манифестација ќе прерасне во традиција во Албанија. -Ова година одбележуваме и 77 години од непрекината настава на мајчин македонски јазик во Преспа, општина Путец. Како ученик којшто до средно образование се образував на подрачјето на Преспа и завршив гимназија во ова училиште, сакам да им се заблагодарам на сите учители на подрачјето на Преспа за нивниот придонес во развојот на образованието во Преспа и во развојот на настава на мајчин македонски јазик, нагласи тој. Како Македонци во Албанија, додаде, благодарни сме на Албанија која што не признава како Македонци и имаме право да го изучуваме мајчиниот македонски јазик во образовниот процес. -Македонците во Република Албанија ги поздравуваат добрите односи помеѓу двете држави - Албанија и Македонија и очекуваат почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Двете земји ги делат истите европски вредности и заедно се движат кон европскиот пат. Најдобар пример за овие многу добри добрососедски односи е реконструкцијата на ова училиште во Пустец, каде албанската Влада инвестираше во реконструкција на објектот, додека македонската влада инвестираше во реновирање на дворот на ова училиште, наведе Стерјовски. Посочи дека јазикот е обележје на еден народ, главна карактеристика по која се разликува од другите народи. -Да го чуваме македонскиот јазик и азбука! Да ја негуваме македонската култура и традиција! Уште еднаш, ви го честитам денот на македонската азбука, и 100-годишнината од раѓањето на Блаже Коневски. Да живее албанско-македонското братство, порача Стерјовски. Вчера и денес во општина Пустец се одржуваат низа настани посветени на Денот на македонската азбука и 100-годишнината од раѓањето на великанот Конески, во  органзација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, амбасадата и културно информативниот центар во Тирана, во соработка со општина Пустец, друштвата на Македонците во Албанија и пратеникот во албанскиот Парламент, Васил Стерјоски. вт/сст/    

Остани поврзан