• недела, 22 декември 2024

Стапуваат во сила новите правила на ЕУ за безбедност на стоките за широка потрошувачка 

Стапуваат во сила новите правила на ЕУ за безбедност на стоките за широка потрошувачка 

Брисел, 13 декември 2024 (МИА) – Од денеска во сила стапуваат новите правила за безбедност на сите непрехранбени производи за широка потрошувачка што се продаваат, офлајн или онлајн, на пазарот во ЕУ. 

Правилата се дел од новата Општа регулатива на ЕУ за безбедност на производите, со која се заменуваат досега важечките директиви за општа безбедност на производите и за производите кои претставуваат замена за храна.  

Со правилата се појаснуваат обврските на бизнисите во врска со безбедноста на стоките што ги нудат и се очекува тие да обезбедат порамноправни услови на пазарот, што би требало да донесе значителни бенефити за потрошувачите и за властите. 

Според еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт, потребата од ваквата Регулатива посебно ја наметнаа значителното зголемување на обемот на онлајн продажбата во последниве години и прогнозите за продолжување на овој тренд во следниот период.  

- Новите правила ја рефлектираат новата реалност на повеќе начини, вклучително и со решавање на безбедноста на производите што се купуваат преку Интернет. Сега потрошувачите во ЕУ ќе бидат побезбедни и во можност да бараат решенија доколку наидат на производи кои не се усогласени со правилата, оцени Мекграт. 

Се очекува новата Регулативата да овозможи подобар одговор на предизвиците што произлегуваат од растот на онлајн продажбата и директниот увоз на стоки од трети земји, да гарантираат поадекватно спроведување на правилата и да ја зголемат ефикасноста во повлекувањето на опасните производи од пазарот.  

Според ЕК, Регулативата, исто така, на потрошувачите ќе им овозможи подобри канали за пријавување на безбедносни проблеми и за реакција на небезбедни производи.  

Се очекува новите правила да овозможат и значителни заштеди за општеството и потрошувачите, имајќи предвид дека трошоците за санирање на штетите предизвикани од небезбедните производи изнесуваат по околу 11,5 милијарди евра годишно, посочува Еврокомисијата. сп/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан