• сабота, 07 март 2026

Средношколски марш за 8 Март во Велес: „Посилни од тишината, посветли од силуетата“

Средношколски марш за 8 Март во Велес: „Посилни од тишината, посветли од силуетата“

Велес, 6 март 2026 (МИА) – Под мотото „Посилни од тишината, посветли од силуетата“, денеска во Велес се одржа вториот средношколски марш по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, во организација на Општина Велес во соработка со средните училишта.

Маршот се одвиваше по главната улица „Благој Ѓорев“, а го предводеше градоначалникот Марко Колев заедно со советници, ученици и нивните професори. Средношколците со транспаренти маршираа по тротоарите на улицата на потегот од кружниот тек „Авона“ до Гимназијата, продолжувајќи до Театарот, по што завршија во Младинскиот парк.

Во паркот беше организирана музичко-забавна програма со настапи на средношколци, кои изведоа познати песни од естрадата, како и рецитал со стихови посветени на жените.

Александра Иванова од Општина Велес за МИА изјави дека преку организирањето на средношколскиот марш имаат цел да ја вратат вистинската суштина на одбележувањето на 8 Март – борбата за еманципација и рамноправност на жените.

Таа потсети дека празникот е поврзан со борбата за права и еднаквост на жените, предводена од историски личности како Клара Цеткин, Роза Луксембург и многу други нивни современички.

-Жените низ годините се бореле да го добијат местото во општеството кое им припаѓа, а наша цел е таа рамноправност постојано да се унапредува, истакна Иванова, додавајќи дека младите се двигатели на овој веќе традиционален марш и испраќаат порака за соработка меѓу институциите и младите во градењето вистински вредности.

На настанот во Младинскиот парк се приклучија и бројни граѓанки од сите генерации, како и новинарки од Велес, кои дадоа поддршка на средношколскиот марш по повод 8 Март. ад/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан