• четврток, 26 декември 2024

Средба на претседателот Пендаровски со припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија

Средба на претседателот Пендаровски со припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, денеска прими делегација на истакнати припадници на бошњачката заедница во Република Северна Македонија.

Како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, на средбата присуствувале Џелал Хоџиќ, заменик директор на Агенција за права на заедници, Изета Бабачиќ, наставничка и автор на учебници на босански јазик, Санадин Володер, новинар од БиХ, Енис Дрндар, експерт за безбедност на инфраструктура на енергетски сектор - МЕПСО, Армин Мандал, репрезентативец во виртуелен Е-фудбал и Елвира Меќиќ, медицинска сестра и хуманитарен работник.

Соговорниците го информирале претседателот Пендаровски за предизвиците со коишто се соочуваат припадниците на нивната заедница како и за активностите насочени кон остварувањето и унапредувањето на националните права на Бошњаците во државата, во сите општествени сегменти.

Во тој контекст, била нагласена заложбата за афирмирање и употреба на босанскиот јазик во образовниот процес и во јавните информативни сервиси, како и за правична застапеност на Бошњаците во државните и јавните институции.

Претседателот Пендаровски изразил задоволство од континуираниот и посветен придонес на бошњачката заедница во градењето и негувањето на нашето мултиетничко општество, кое е позитивен пример во меѓународни рамки.

Честитајќи го Меѓународниот ден на Бошњаците, претседателот ја реафирмирал неговата поддршка и лична заложба за обезбедување на правата на сите етнички заедници, во насока на овозможување еднаков третман и шанса за секој поединец, што пак е клучен предуслов за севкупен развој на нашата држава. дма/

Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

Остани поврзан