Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со организаторите на еколошката акција „GENERALKA WEEKEND“
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Гордана Софија и Ханес Јекл, извршни директори на компанијата „Man and Mountain“ и организатори на еколошката акција „GENERALKA WEEKEND“.

Скопје, 18 февруари 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Гордана Софија и Ханес Јекл, извршни директори на компанијата „Man and Mountain“ и организатори на еколошката акција „GENERALKA WEEKEND“.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, се разговарало за целите и активностите на овој настан, како и за подготовките за неговото годинашно издание.
- Соговорниците информираа дека станува збор за национален настан којшто се одржува во сите општини во земјава во вториот викенд од мај. Истиот вклучува волонтери, учесници од граѓанскиот и бизнис секторот, образовни институции, комунални и други јавни претпријатија, спортски и пензионерски клубови, месни и урбани заедници, национални паркови, коишто ја чистат нивната околина и го селектираат собраниот отпад, се наведува во соопштението.
Претседателката им оддала признание на организаторите на акцијата, нагласувајќи дека нивниот ангажман значително придонесува за подигнување на јавната свест за потребата од селекција и рециклирање на отпадот. Според неа, ваквите иницијативи не само што помагаат во заштита на животната средина, туку и ги инспирираат граѓаните да бидат носители на позитивни промени во својата заедница создавајќи култура на еколошка одговорност.
Потенцирајќи дека дополнителна вредност на акцијата ѝ дава партнерството со неколкуте општествено одговорни компании, претседателката ја нагласила важноста и на придонесот од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈП Македонски шуми коишто преку засадување на дрвја на неколку локалитети во земјава учествуваат во неа.
Претседателката изразила подготвеност да се приклучи во активностите на оваа иницијатива и на други акции и настани поврзани со зголемувањето на еколошката свест, истакнувајќи дека е потребна заедничка масовна активност во заштита на природата. дма/бак/
Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова