Средба на министерот Муцунски со заменик помошникот државен секретар на САД, Касаноф
- Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска остварил средба со заменик помошникот државен секретар на САД, Александар Касаноф - надлежен за регионот на Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски работи на американскиот Стејт департмент, кој престојува во работна посета на Република Северна Македонија.
Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска остварил средба со заменик помошникот државен секретар на САД, Александар Касаноф - надлежен за регионот на Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски работи на американскиот Стејт департмент, кој престојува во работна посета на Република Северна Македонија.
-Во текот на средбата, министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на Соединетите Американски Држави за севкупните реформски процеси во земјата. Заеднички беше потврден интересот за одржување континуитет во политичкиот дијалог помеѓу двете пријателски земји преку редовна размена на посети и искуства, продолжување на активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, како и преку блиска соработка во рамки на НАТО, соопшти МНРНТ.
Министерот го истакнал фокусот на владата кон забрзување на евроинтеграцискиот процес и спроведување на реформи кои ќе обезбедат видливи придобивки за граѓаните, „особено во делот на економскиот развој, владеењето на правото и борбата против корупцијата“.
Во тој контекст, наведува Министерството, бил нагласен интересот за унапредување на економската соработка и трговската размена со САД, како и за зајакнување на деловните врски меѓу двете земји.
-Соговорниците разменија мислења и за актуелни теми од регионот на Западен Балкан, со посебен акцент на клучните области како што се регионалната безбедност, економската соработка, доброто владеење и демократијата. Касаноф ја потврди силната поддршка на САД за напорите на Северна Македонија во процесот на интеграција во ЕУ и ја истакна одличната соработка во рамките на НАТО Алијансата, се наведува во соопштението. хс/са/
Фото: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија