Средба на министерот за јавна администрација Горан Минчев со претставници на СИГМА
- Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска имаше средба со претставници на СИГМА, заедничка иницијатива на ОЕЦД и Европската унија, која обезбедува стручна поддршка за реформите во јавната администрација во земјите од Западен Балкан и пошироко.
Скопје, 29 април 2025 (МИА) - Министерот за јавна администрација Горан Минчев денеска имаше средба со претставници на СИГМА, заедничка иницијатива на ОЕЦД и Европската унија, која обезбедува стручна поддршка за реформите во јавната администрација во земјите од Западен Балкан и пошироко.
На средбата се разговараше за тековните и идните активности во областа на јавната администрација, со посебен фокус на модернизацијата и професионализацијата на административните служби, соопшто Министерството за јавна администрација (МЈА)

- Министерот Минчев ги презентираше клучните реформски приоритети на Министерството, особено истакнувајќи ја важноста на креирањето и носењето на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), како основа за поефикасна, поусогласена и одговорна јавна администрација.
Претставниците на СИГМА ја поздравија определбата на Министерството за суштински реформи и ја истакнаа силната поддршка за донесувањето и имплементацијата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, нагласувајќи дека овој закон претставува клучна алатка за обезбедување на функционална, деполитизирана и транспарентна државна управа, во согласност со европските стандарди.
Средбата заврши со заедничка посветеност за продолжување на соработката и координирана работа во насока на градење современа и граѓански ориентирана јавна администрација, како дел од европскиот пат на Република Македонија, стои во соопштението од МЈА.са/дма/
Фото: МЈА