• вторник, 19 ноември 2024

Средба на Заев со новоименуваниот јапонски амбасадор: Можности за унапредување на билатералната соработка

Средба на Заев со новоименуваниот јапонски амбасадор: Можности за унапредување на билатералната соработка
Скопје, 17 декември 2020 (МИА) - Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со Хиронори Савада, новоименуваниот амбасадор на Јапонија во државава, на која амбасадорот упатил честитки за справувањето на Владата со здравствената ситуација во земјава, како и успешните чекори со коишто нашата држава стана членка на НАТО и придонесува кон отворањето на перспективите кон ЕУ. Како што соопшти владината прес-служба, на средбата било посочено дека Јапонија ги поддржува евроинтеграциите на Северна Македонија.
Премиерот Заев се заблагодарил на амбасадорот Савада за помошта од Јапонија во медицинска опрема и лекови за нашата држава, како и поддршката на економски и политички план. Заеднички е констатирано дека има позитивен развој на билатералните односи помеѓу двете држави, за што се констатирани и можности за натамошно унапредување, се додава во соопштението.
На средбата се најавени заложби за поголем број инвестиции од јапонски компании во земјава. Изразена е определба од Јапонија и за силна поддршка во делот на економијата и социјалата. -Работиме на развивање на економијата и создавање на услови за нејзин раст и развој по смирувањето на пандемијата, а во меѓувреме сме посветени да ги поддржиме работниците и стопанството. Посветени сме и на напредокот во евроинтеграциите. Многу ни значат искрените пријателства како ова со Јапонија и наша определба исто така е да ја развиваме меѓусебната соработката во сите области, рече премиерот Заев. На состанокот е разговарано за унапредување на соработката и во инфраструктурата, енергијата, транспортот, дигиталниот сектор помеѓу Република Северна Македонија и Јапонија, што во рамките на стратешкото партнерство со ЕУ, соработува на овој план со Унијата. нд/дма/

Тагови

Остани поврзан