• четврток, 06 март 2025

Средба на вицепремиерот Фетаи со членовите на ДКСК: Се залага за рестеирање на борбата против корупцијата

Средба на вицепремиерот Фетаи со членовите на ДКСК: Се залага за рестеирање на борбата против корупцијата

Скопје, 5 март 2025 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска се сретнал со членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, со кои разговарал за забрзување на борбата против корупцијата и зајакнување на меѓуинституционалната координација во спроведувањето на државната стратегија во оваа област.

Како што соопштија од Кабинет на вицепремиерот за добро владеење, Фетаи истакнал дека борбата против криминалот и корупцијата е еден од врвните приоритети на Владата, вклучувајќи ја и реформата во правосудството, со цел успешно справување со корупцијата и враќање на довербата на граѓаните во институциите.

Осврнувајќи се на спроведувањето на Стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025), тој нагласил дека во текот на претходното владеење е забележан регрес во оваа област, поради недостигот на политичка волја и штетните одлуки, како што беше скандалозната измена на Кривичниот законик, што резултираше со организирана амнестија на политичката корупција.

- Ресетирањето на борбата против корупцијата стана национална итност, изјавил Фетаи, обврзувајќи се на измена на Кривичниот законик и спроведување на реформи во правосудството, со цел создавање нов пристап во борбата против корупцијата.

Во однос на улогата на Меѓуресорското тело за борба против корупцијата, кое треба да ги координира активностите на институциите во оваа насока, Фетаи ветил дека ќе го исполни овој значаен мандат.

- Мојот план, со поддршка од меѓународните партнери, е да го трансформираме Меѓуресорското тело во ефикасен координациски механизам, кој ќе формира вистински фронт против корупцијата, демонстрирајќи јасна политичка волја и поттикнувајќи меѓуинституционална соработка – наместо да остане само како talk show, како што беше во минатото, нагласил тој.

Фетаи изразил оптимизам дека земјата ќе напредува во градењето на правната држава, што претставува морална обврска кон граѓаните и младите, кои сè почесто ја напуштаат земјата поради корупцијата што предизвикува колективна депресија.

Заменик-претседателката на ДКСК, Билјана Каракашова Шулев, говорела за предизвиците на Комисијата во спроведувањето на антикорупциските политики, истакнувајќи го недостатокот на човечки и технички капацитети. Таа нагласила дека клучните проблеми во борбата против криминалот остануваат непочитувањето на законските обврски од страна на институциите, недостигот на годишни антикорупциски планови и ограничените капацитети на кадрите вклучени во овој процес.

- Двете страни се согласија да ги координираат активностите за подобрување на законодавството и зголемување на ефикасноста во борбата против криминалот и корупцијата, се вели во соопштението од Кабинетот на вицепремиерот за добро владеење, Фетаи. цр/нд/

Фото: Кабинетот на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан