• петок, 27 декември 2024

Средба на азербејџански и ерменски претставници во Брисел 

Средба на азербејџански и ерменски претставници во Брисел 

Брисел, 26 септември 2023 (МИА) - Под покровителство на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, денеска во Брисел се одржа средба на советникот за надворешна политика на шефот на азербејџанската држава, Хикмет Хаџиев и на секретарот на ерменскиот Советот за безбедност, Армен Григорјан, на која се разговараше можна билатерална средба на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев и на премиерот на Ерменија, Никол Пашинијан на маргините на Третиот самит на Европската политичка заедница на 5 октомври 2023 година во шпанскиот град Гранада, како и за актуелната состојба на теренот и напори кон задоволување на итните потреби на локалното население од Нагорно-Карабах, соопшти Европскиот совет.

На средбата чии домаќини беа дипломатските советници на Мишел, Симон Морду и Магдалена Гроно, присуствуваа и советниците на францускиот претседател Емануел Макрон, Емануел Бон и на германскиот канцелар Олаф Шолц, Јенс Плетнер, како и специјалниот претставник на ЕУ за Јужен Кавказ и кризата во Грузија, Тоиво Клар. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, во соопштението на Европскиот совет, се посочува дека на средбата, на која кусо присуствувал и Мишел, претставниците на ЕУ укажале дека Унијата внимателно ги следи случувањата околу Нагорно-Карабах и е ангажирана да помогне во ублажувањето на последиците на непријателствата врз цивилното население, при што ја повториле позицијата објавена минатата недела за осуда на „воената операција на Азербејџан против ерменското население во Нагорно-Карабах“ и за потребата од целосен прекин на непријателствата и почитување на договорениот прекин на огнот. 

Азербејџанскиот претставник Хаџиев ги изнел плановите на неговата земја за обезбедување на хуманитарна помош и гарантирање на безбедноста на локалното население во Нагорно-Карабах, при што европските дипломати ја нагласиле потребата од дозволување на пристап на теренот на меѓународните хуманитарни мисии и на организациите за заштита на човековите права, како и за транспарентност и повеќе детали „за визијата на Баку за иднината на Ерменците од Карабах во Азербејџан“. 

- Состанокот, исто така, овозможи интензивна размена на мислења меѓу учесниците за релевантноста на евентуалниот состанок на лидерите на двете земји во рамки на Третиот самит на Европската политичка заедница закажан за 5 октомври 2023 година во Гранада, се додава во соопштението. 

При тоа, учесниците на средбата го нагласиле заедничкиот интерес на Азербејџан и на Ерменија „да ја искористат евентуалната средба во Гранада за продолжување на нивните напори за нормализација на односите“. 

Во таа насока, како што посочува Европскиот совет, се разговарало за можните конкретни чекори за напредок во азербејџанско-ерменскиот мировен процес на претстојната евентуална средба на лидерите на двете земји, како што се прашањата поврзани со утврдување на меѓусебната граница, безбедноста, обновата на врските, хуманитарните прашања, како и за постигнување сеопфатен мировен договор. 

- Потребни се конкретни активности и решителни компромисни решенија во рамки на процесот на нормализација на односите. ЕУ верува дека Баку и Ереван треба да ја искористат евентуалната средба во Гранада со цел јавно да ја повторат својата посветеност на почитување на меѓусебниот територијален интегритет и суверенитет во согласност со договорите постигнати претходно во Прага и Брисел, се додава во соопштението.

Според најавите, доколку во Гранада се одржи средба меѓу Алиев и Пашинијан, на неа ќе присуствуваат и Макрон и Шолц. сп/ссм/

Фото: Совет на ЕУ

 

Остани поврзан