• петок, 27 декември 2024

Спречен нелегален влез на шест мигранти од Ирак, запленета и стоката и камионот во кој се превезувале

Спречен нелегален влез на шест мигранти од Ирак, запленета и стоката и камионот во кој се превезувале

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - Мобилен тим при Секторот за контрола и истраги во Царинската управа спречил нелегален влез на шест мигранти со потекло од Ирак при контрола на товарно моторно возило на влез на граничниот премин Богородица. Станува збор за товарно моторно возило со грчки регистарски таблички управувано од грчки државјанин.

Притоа, соопштија денеска од Царинската управа, поради оштетување на царинските обележја запленета е и стоката и товарното моторно возило во кое се криеле мигрантите.

- Случајот е откриен откако инспектори од Одделението за оперативни работи при селекција за детален преглед на возилото забележаа преправки во фабричката надворешна конструкција на возилото, со што се овозможува вадење на сајлата и отворање на церадата без да се оштети царинската пломба, појаснуваат од Царина.

Појаснуваат дека со отворање на церадата во товарниот дел меѓу стоката која се превезувала се откриени шесте мигранти, при што се предадени на Министерството за внатрешни работи.

- Стоката или вкупно 23 тона компот од праски, влекачот и полуприколката со вкупна вредност од 2,3 милиони денари привремено се одземени. До Основниот суд во Гевгелија поднесени се и соодветни прекршочни постапки поради прекршување на член 267 и 269 од Царинскиот закон, се вели во соопштението од Царинската управа. цр/са/

Фото и видео: Царинска управа

Остани поврзан