• понеделник, 16 декември 2024

Спасовски: Од Турција ни се доставени дактилоскопските податоци за случајот со Вања и Панче

Спасовски: Од Турција ни се доставени дактилоскопските податоци за случајот со Вања и Панче

Скопје, 14 декември 2023 (МИА) – Системот многу брзо и ефикасно реагираше и дојдовме до разоткривање на случајот со убиството на малата Вања и на Панче и при тоа се откриени сторителите на ова грозоморно убиство. За двата случаја се постапуваше веднаш по пријавите за исчезнување на лице. Во тој момент почнаат сите постапки и се активираа сите механизми и врз основа на низата криминалистички мерки кои се преземени се откриени сторителите, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Целиот овој процес мора до крај да се разработи, да се заврши и да се утврдат сите аспекти. Можно е да имаме и проширување на истрагата со цел да се дојде до конечната  вистина во однос на мотивите и сето она што претставува интерес во однос на целиот овој случај. Важно е да се утврдат сите аспекти, да се обезбедат сите докази за да се потврди она што го имаме како сомнение, рече Спасовски во интервју за ТВ Канал 5.

Додаде дека нов момент е што од Република Турција е побарано да се достават дактилоскопските податоци, папиларните линии, и тие се доставени и ќе бидат предадени во Јавното обвинителство и се очекува наскоро да стигне и материјалот за ДНК анализа.

Тој посочи дека МВР целосно го има завршено својот дел во оваа фаза на разоткривање на грозоморното убиство и додаде дека и во иднина ќе постапува на барање на јавниот обвинител кој ќе ја води истрагата. Нагласи дека во кривичната пријава што ја поднело МВР, која е на 100-тина страни, се содржани сите докази што се обезбедени.

-Има многу аспекти во криминалистичката истрага кои согласно постапувањата по сите стандардни и оперативни процедури значат и обезбедувањето на доказите со кои практично ќе се потврди или се потврдува инволвираноста на сите кои во моментов се осомничени и за кои се поднесени кривичните пријави. Се анализираат 70-тина камери од кои се извадени нивните записи кои се вештачат и се доставени или се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50-тина снимки кои се изведени од „Сејф сити“. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти - времето, траекторијата - ќе се утврдат низ таа легална постапка, рече Спасовски.

Тој не очекува да има проблеми во екстрадицијата на првоосомничениот за двојното убиство од Турција и вели дека е убеден дека тој процес ќе тече најбрзо што може. вј/бак/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан