• сабота, 23 ноември 2024

Со бројни настани и манифестации Охрид го чествува својот поет и преродбеник Григор Прличев

Со бројни настани и манифестации Охрид го чествува својот поет и преродбеник Григор Прличев

Охрид, 2 јануари 2024 (МИА) – Со низа настани, свечености, културни збиднувања во рамки на Манифестацијата „Прличеви беседи“ и оваа година Охрид ќе го чествува ликот и делото на великиот поет и преродбеник, охридскиот Хомер – Григор Прличев.

Со Манифестацијата „Прличеви Беседи“ се одбележува годишнината од смртта на Прличев кој се упокои на 6 февруари пред 131 година.

Оваа година чествувањата за Прличев започнуваат утре, со поетскиот караван: „Добри гости“- Серија книжевни гостувања низ Македонија, со почеток во 18 часот во кафе-барот „Шила“ во Охридската чаршија.

В понеделник на 5 февруари од 11:45 часот ќе биде поставена изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“ во изложбениот салон, додека од 12 часот ќе се одржи централната свеченост – посветена на поетот Славе Ѓорѓо Димоски кој е годинешниот лауреат на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Во рамки на свеченоста ќе биде презентирана неговата наградена поема „Денес“, а ќе биде и врачена и Повелбата за најдобрата поема.

На 6 февруари во 10 часот ќе биде положено цвеќе пред споменикот на Прличев во училишниот двор на општинското основно училиште што го носи неговото име, а од 10:30 часот предвидени се панихида и полагање цвеќе на гробот на поетот во близина на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“.

Во 11 часот во Спомен куќата на Григор Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во чии рамки ќе се читаат нарадени литературни творби, а ќе биде промовирано и изданието „Охридски поети“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Во 12:30 часот предвидено е полагање лавров венец и свежо цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“, со обраќање на Смиле Наумоски – член на Друштвото на писатели на Македонија.

Во 13 часот во охридската библиотека ќе се одржи „Охридска визита“ во рамки на која беседа за поетот и преродбеник Прличев ќе одржи Елизабета Шелева, по што ќе следи прогласување на добитникот на наградата за најдобра беседа во чест на Прличев за 2024.

Годинешната програма во чест на Прличев ќе биде заокружена со свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ во НУЦК „Григор Прличев“ до 19 часот.

„Григор Прличев е наша национална гордост и еден од најмаркантните литературни дејци, кој со своите творечки достигнувања е симбол на македонската култура и литература. Неговото име и неговиот животен пат оставаат силен печат во историјата на Охрид и заслужуваат огромна почит“, стои во поканата на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упатена до граѓаните повикувајќи да бидат дел од свеченостите во чест на големиот поет.

Носители на манифестацијата се Општина Охрид, НУЦК „Григор Прличев“ , Библиотеката „Григор Прличев“, ООУ „Григор Прличев“, НУ „Завод и музеј – Охрид“ и Друштвото на писатели на Македонија. аб/са/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан