• понеделник, 17 март 2025

Сочувство за загинатите и молитви за закрепнување на повредените од Македонците во Албанија

Сочувство за загинатите и молитви за закрепнување на повредените од Македонците во Албанија

Тирана, 16 март 2025 (МИА) - Со длабока тага и неизмерна болка и Македонците во Албанија ја примија веста за трагедијата во Кочани, изразувајќи длабоко и искрено сочувство до семејствата на младите животи што прерано згаснаа и се молат за закрепнување на повредените.

- Македонско друштво „Илинден“-Тирана изразува длабоко жалење за несреќата во дискотеката во Кочани, Македонија. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на загинатите. Нема зборови што можат да ја намалат загуба, но нека љубовта и спомените на нивните сакани им дадат сила во овие најтешки моменти. Молитвите на Македонците во Албанија се за што побрзо закрепнување на повредените, стои во соопштението на МД „Илинден“ –Тирана.

Од свое и од име на жителите на општина Пустец, сочувство упати градоначалникот Пали Колефски.

-Во овие тешки моменти, изразуваме искрено сочувство за загубата на животите во трагедијата во Кочани. Нашите мисли и молитви се со семејствата на жртвите и сите погодени од оваа несреќа. Посакуваме повредените да закрепнат што побрзо и заедницата да најде сила да се справи со оваа голема болка, наведува Колефски.

Длабоко и искрено сочувство до семејствата на загинатите и желби за закрепнување на повредените во трагедијата во Кочани упати и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски.

- Потресени сме од големата трагедија што се случи во Кочани. Ова е голема загуба за Македонија, заедно сме со болката на семејства на починатите. Посакувам утеха и мир во срцата. Во овие тешки моменти, нашите мисли и молитви се и со повредените на кои им посакуваме побрзо закрепнување, напиша Стерјовски.

Споделуваме длабоко сочувство со Кочани, со Македонија – со сите што изгубија блиски и со градот кој тагува, напиша на Фејсбук, Панди Јани, македоски активнист и претседател на разгранокот на Партијата на слободата за Пустец, додавајаќи дека „во овие моменти на болка, најважно е да бидеме заедно, да си дадеме поддршка и да покажеме солидарност“. вт/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан