• среда, 27 ноември 2024

Сопругата на Навални вети дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг, го обвинува Путин за неговата смрт

Сопругата на Навални вети дека ќе ја продолжи борбата на нејзиниот сопруг, го обвинува Путин за неговата смрт

Варшава, 19 февруари 2024 (МИА) - Вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, Јулија Навални, во видео објавено денеска вети дека ќе продолжи со работата на својот сопруг, обвинувајќи го рускиот претседател Владимир Путин дека го „убил“.

„Пред три дена Владимир Путин го уби мојот сопруг Алексеј Навални. Путин го уби таткото на моите деца. Со него (Путин) сакаше да ја убие нашата надеж, нашата слобода, нашата иднина“, рече таа во видеото објавено на социјалните мрежи.

Додека бил во затвор, како што рече, Навални бил „малтретиран, отсечен од светот“, но сепак не се откажал.

„Мојот сопруг не можеше да биде скршен, затоа Путин го уби“, изјави Јулија Навални.

Таа вети дека нејзиниот тим ќе открие кој и под кои околности го извршил делото.

„Ќе ја продолжам работата на Алексеј Навални. Ќе продолжам за нашата земја, со вас. И ве повикувам сите да бидете со мене... Не е срамота да се направи малку, срамота е да не се прави ништо, срамота е да дозволите да ве исплашат“, рече Јулија Навални.

Јулија, која живее во егзил, денеска во Брисел треба да се сретне со министрите за надворешни работи на ЕУ.

Алексеј Навални, главниот противник на Путин, почина во петокот во затворот на Арктикот каде што издржуваше 19-годишна затворска казна. На мајка му и денеска не и е дозволен пристап до телото, трет ден по ред како со адвокатите се обидува да дојде до телото на синот, известија од тимот на починатиот опозиционер.

Тимот на Навални го обвинува Кремљ дека го „убил и дека сега се обидува да ги прикрие трагите“.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, изјави дека Истражниот комитет задолжен за главните истраги во Русија објавил дека „проверките“ поврзани со смртта на Навални се продолжени, без дополнителни детали.

Според руските затворски власти, Алексеј Навални починал во петокот откако ненадејно му се слошило по прошетка. паг/

 

Остани поврзан